Старата народна изрека „Колку пари, толку музика“ изминативе месеци македонските музичари ја почувствуваа на своја кожа, но по обратен редослед. Колку музика, толку пари или во превод – нула!
Целосно обесправени, без владина поддршка и помош, македонските пејачи и бендови на свој грб понесоа огромен терет. Денес го креваат својот глас!
Музичарите повикувајќи ги сите засегнати од оваа индустрија, за денес најавија протест пред Влада.
Протестот е закажан од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“.
Истиот е замислен како музички хепенинг, а иницијативата за него почна на социјалните мрежи, каде бројни угостители и музичари го искажуваа револтот од најновите, поригорозни мерки на Владата за работа на угостителските објекти и локали и забраната за настапи.
КУРИР стапи во контакт со едни од најзвучните имиња на македонската естрада. Додека “ѕвездите“ од регионот продолжија да ја користат Македонија како локација за правење на пари, македонските музичари кои творат и изведуваат во име на земјата, останаа дома.
Револтирани се од мерките кои (не)беа превземени, а згора на тоа министерот за здравство Венко Филипче покажа дрзок однос кон нив кога им порача:
„Нека протестираат пред Инфективна клиника, нека ги погледнат во очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои починаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале, лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за сите…“ – меѓудругото им порача на музичарите пред утрешниот протест министерот Филипче.
Министерот треба да знае дека директната одговорност за поразителната статистика е најмногу на адреса на Владата која ја претставува, а најмалку кај музичарите!
КУРИР побара изјави од музичарите чија работа секогаш била поддржувана од нашиот медиум. Со таа поддршка ќе продолжиме и понатаму, а најмногу сега. Не сме им потребни само за промовирање на успесите, туку и сега кога им е најтешко, кога ги направеа незаслужено поразени.
Еден од најмоќните вокали во Македонија е пејачката Нина Јанева. Изреволтирана од односот на Филипче и комисијата, таа во изјава за КУРИР испрати силна порака во надеж дека истата ќе допре до надлежните.
„Министре и ценета комисијо: Небулоза е да отвориш туристичка сезона цели четири месеци во сред пандемија, небулоза е да распишеш избори во сред пандемија, небулоза е да ги натераш родителите да одат на работа и трудничко да не продолжиш, а велиш има пандемија, небулоза е да патат сите семејства поврзани со уметност, угостителство, музика, спорт и сите точки што спаѓаат и се тесно поврзани со овие области.
Небулоза е да велиш “очекуван бран”, а токму ти и таа комисија сте дозволиле да го има тој бран, небулоза е да го лажете, плашите и казнувате народот на кој веќе и онака му е преку глава од сите неправди и омаловажувања, небулоза е да се носат маски на отворено, небулоза е да се носат маски со фамилија во автомобил, небулоза е да го замолчувате народот на кој му ги скративте сите права, а му ги зголемивте обврските и сметките за струја, небулозни се сите пакет мерки и ваучери кои гордо ги објавивте.
Небулоза е да патат деца чии родители останаа без еден денар 5 месеци, небулоза е да го игнорирате робовладетелското однесување на газдите према вработените, небулоза е да им дозволите на банките и кредитните друштва да се изживуваат со дупли камати, небулозни сте комплет цела изротирана гарнитура, небулоза направивте и од државава. Затоа сите до еден ќе излеземе на протест и следните ангажмани за кои државата или локалната самоуправа ќе не повикаат ќе чинат трикратно повеќе затоа што македонскиот музичар има гордост. А да, да ви се плукнам и во Карлеуша и во Лукас и во Стоја и во Сејо Калач и сите кои ги плаќате 5 пати повеќе од нас. Пу бе, како спиете навечер“ – порача таа.
Еден од најдобрите македонски бендови кој со години ги полни дискотеките, клубовите и рестораните ширум Македонија, а баран е и во странство, е Либеро бенд. Млади момци, секогаш вредно насочени кон работа, создавање на македонска музика, исполнување на барањата на публиката. КУРИР стапи во контакт со пејачот на Либеро бенд, Иван Јованов, а тој детално ни објасни како стојат работите во нивната професија изминатиов период.
-Ние сме бенд кој свири во текот на целата година и со сигурност можам да кажам дека сме бенд кој има најмногу настапи во Македонија. Во последниве седум месеци сме имале седум настапи. Еден од нив беше прекинат поради тоа што луѓето не биле седнати на високи маси, не смееле да стојат, таков бил законот! За изјавата на министерот дека треба да протестираме пред Инфективна клиника, мислам дека треба таму да ги однесат сопствениците само на оние локали кои не ги почитуваат мерките. Сигурен сум и дека можат да ги најдат луѓето кои биле таму бидејќи има низа снимки на социјалните мрежи, па се гледа кој каде седи, истакна тој.
Јованов вели дека има локали во кои сопствениците се одговорни, како и музичарите, па почитувајќи ги препораките, можат да се одржат настапи на кои сите ќе бидат заштитени и безбедни.
-Последен настап ни беше во саботата во „Де факто“ каде сум сигурен дека се беше по протокол. Според големината на локалот и просторот се распоредува да се држи дистанца и да се почитуваат мерките. Не ми се ни коментира за идејата да се стопираат настапите на музичарите и ди-џеите. Со српските артисти се помина, сега ние сме виновни и нас нè санкционираат. За законот дека ќе се казнува за над 55ДБ… тоа е веќе смешно! Има професори, продуценти, експерти во оваа област кои можат да ги прашаат што се тоа 55ДБ, а не да донесуваат вакви смешни одлуки. Ние, музичарите, не се правиме паметни, само реагираме и бараме правда. Поради два локали кои не работеле по протокол, а артистите од Србија поминаа и си го наполнија кесето, ние дома си вадевме цвеќиња. Притоа не сме на терет на државата, истакнува вокалот на Либеро бенд во изјава за КУРИР.
Младите пејачи со кои Македонија се гордееше на регионалните музички натпревари, собираат аплаузи од сите, а дома доживуваат големи неправди.
Талентираниот Костадин Петрушев кој има бројни настапи и воодушевува со својот вокал вели дека музичарите не добиле никаква помош од државата.
-Го поддржувам протестот бидејќи ние како уметници носиме добра порака, а секој човек е одговорен за себе. Не само тука, во Македонија, туку секаде низ светот. Ние преку микрофоните не правиме заразување со коронавирус. Искрено, помош не добивме никаква, најмалку финансиска, за жал, истакна Петрушев во изјава за КУРИР.
Кога ќе се слушне името на Стефан Величковски, сигурно ќе се сетите на момчето кое со своите маестрални настапи направи да му аплаудираат најголемите ѕвезди во регионот и балканската публика. Но, Стефан дома, во Македонија, одамна не ги слуша аплаузите од публиката, како и неговите колеги.
Во изјава за КУРИР тој дава голема поддршка за денешниот протест и образложува зошто.
-Време беше да се излезе на протест затоа што ние, музичарите, најмногу ја почувствувавме кризата од коронавирусот, а не добивме ни денар помош од државата. Еве јас лично немам добиено никаква помош. Не е фер да се затворат сите локали заради некои други, да не ги именувам, а тоа се 3-4 локали во земјава. Секој од нив што не ги почитува мерките, треба да сноси одговорност и да си ја плати казната како што е по ред и закон. Не е фер да страда цела свадбена индустрија и да не се најде никакви решение за одржување на свадби и прослави, како да е само таму ризикот од заразата. Многу музичари живеат и ранат фамилии од тој бизнис, а државата нема слух за тоа. Затоа време е за протест и наоѓање на решение. Ова не трае два месеци туку пола година и повеќе, истакна тој во изјава за КУРИР.
На социјалните мрежи деновиве има бројни реакции од изведувачите. Дали Владата ќе го чуе нивниот глас, останува да видиме.