Полицајци кои утрово биле на лекарски и на стоматолошки прегледи се жалат дека им било кажано оти немаат уплатено здравствено осигурување, поради што прегледите и интервенциите морале да ги платат приватно, објави Телма, цитирајќи неколкумина полицајци кои се обратиле до телевизијата.
Ситуацијата со здравственото осигурување ја потврдуваат и од Независниот синдикат на полицијата.
Оттаму бараат МВР да го реши проблемот, кој е дополнително тежок и поради тоа што без здравствено се и децата осигурани преку родителите-полицајци.
„Во текот на денот, на мејловите и на телефоните на Независниот Синдикат на Полицијата, пристигнаа повеќе од 50-тина известувања како поплаки по барање совет како да се справат со некои од вечните Неработници кои се по удобните канцеларии во седиштето на МВР. Денеска повеќе 10-тина вработени во полицијата приватно платија за прегледи, неколку од нив и за систематски прегледи за првачиња, за деца на полицајци кои треба да бидат запишани во прво одделение во учебната 2022/23 год, соопштија од НСП.
Од МВР засега нема одговор на информациите дека нивните вработени немаат уплатено здравствено осигурување.