Граѓаните да им оставаат само храна- мали слатководни риби или сирово пилешко месо на штрковите и да не се обидуваат на друг начин да интервенираат поради ниските температури и врнежите од снег, препорачуваат од Македонското еколошко друштво.
Во известувањето се наведува дека овие птици имаат свои физиолошки и морфолошки адаптации за преживување на ниски температури и се додека имаат храна, односно ако реките и другите водни тела не се замрзнати, тие ќе го преживеат краткиот период на паѓање на температурите.
Исто така се нагласува дека иако штрковите стојат навидум неподвижни на отворен простор или во нивните гнезда, нема потреба од делување, затоа што на тој начин тие си ја зачувуваат телесната топлина.
По доаѓањето на преселните птици во кочанскиот регион биле забележани обиди од страна на луѓето да ги заштитат со засолнување во затворени простории и да им даваат храна што не е соодветна за нив.
Во препораките од МЕД стои дека доколку граѓаните сакаат да им помогнат треба да им оставаат мали слатководни риби или сирово пилешко месо во близина на гнездата и да се оддалечат.