среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Маневски: Зелениково нема една капитална инвестиција, го нема ветеното вештачко езеро, нема живот, затоа за промените во нашата општина мора да се избориме заедно

Маневски: Зелениково нема една капитална инвестиција, го нема ветеното вештачко езеро, нема живот, затоа за промените во нашата општина мора да се избориме заедно

Желбата за подобра општина Зелениково е инспирација за мојата кандидатура бидејќи граѓаните заслужуваат да живееат во подобра општина. За промените во нашата општина ќе се избориме заедно. Предизвикот да го споделам целото мое искуство и несебично да учествувам во воспоставување на нови вредности и квалитетен живот за сите граѓани е голем. Сакам сите промени во општината да бидат направени согласно потребите на граѓаните, со ветувања кои ќе бидат пред сè реални и остварени. Сакам општина Зелениково да прерасне во општина која ќе им ги овозможи и реализира потребите на граѓаните, изјави на денешната прес конференција, Коста Маневски, кандидат за градоначалник на општина Зелениково на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека еднаквоста на сите луѓе ќе биде една од темелните вредности прифатени од сите и основа за создавање на стабилен развој на општината.

– Денес, кога соседната општина Петровец размислува за воведување на напредна технологија, граѓаните на општина Зелениково се соочуваат со немање на елементарни услови за живот. Зелениково нема добиено ниту една нова капитална инвестиција. Го нема ни вештачкото езеро на Кадина река кое мегаломански се најавуваше во предизборието. Го нема ниту голф теренот кој им беше ветен на нашите сограѓани. Го нема ниту ветениот нов асфалтиран пат во правец с. Смесница – с. Гумалево до Кадина река, како и ветувањето за асфалтирање и реконструкција на локални улици во сите населени места. Ги нема ни фекалните канализации во десетте населени места. Целосно се заборавени и младите. Ги нема младинските културни центри, спортската сала и нема никаква поддршка во спортот. Нема ниту едно реализирано ветување за пензионерите. И нема уште многу работи од ветената програма „Живот во Зелениково“ која се претвори во пустош низ Зелениково, појасни Маневски.

Тој рече дека општина Зелениково ја гледа и ќе ја направи како урбана, развиена и модерна!

– Мојата програма содржи проекти кои се произлезени од Вас , граѓаните, се темели на вашите реални потреби и барања , проекти кои се однесуваат на децата, младите, возрасните и пензионерите. Сакам да обезбедам рамномерен развој во Општината. Ниту едно место да не биде заборавено како до сега. Итно ќе се заложам за обезбедување на поволни услови за влез на инвеститори во Зелениково кои ќе овозможат нови работни места. Наш приоритет ќе биде инвестирање во инфраструктурни објекти кои им се потребни на сите граѓани! Сите жители ќе имаат чиста вода за пиење, атмосферска и фекална канализација, обновени паркови, асфалтирани и безбедни патишта. На општина Зелениково и треба ново урбано речно корито со пешачки и велосипетски патеки, со нови клупи и урбана опрема. Место кое ќе стане главно за рекреација на сите граѓани, посочи кандидатот за градоначалник.

Маневски тврди дека на Зелениково му е потребен нов спортски комплекс со нова сала, игралишта, катче за младите. Место кое ќе биде препознатливо за сите луѓе, место кое ќе им овозможи на младите да спортуваат и здраво да се развиваат.

– Тоа е мојот сон, мојата визија, а тоа може да го направиме само заедно со добра организација и доверба. Јас сум роден во Зелениково, го познавам секое делче на општината и сè што имам е тука. Тука растев и тука создавам. Во име на заедничката иднина на нашата општина, ќе дадам сè од себе за општината да стане урбана, развиена и модерна! Општина со еднакви можности за сите луѓе! Јас имам доверба во вас, имајте и вие доверба во мене. Затоа излезете на 17-ти октомври и дајте го вашиот глас за општина Зелениково за сите луѓе, додаде тој.

Најнови вести