Министерот порачува дека најважно е оти пописот ќе се спроведува безбедно и ќе се почитуваат највисоките стандарди за спречување на ширењето на ковид-19.
Попис кај нас не е спроведен речиси 20 години и ваквата состојба едноставно повеќе не е одржлива и тоа не смееме да го толерираме, порачува министерот за правда, Бојан Маричиќ во видеопорака објавена на стартот на пописот.
„Државите членки на Обединетите Нации се обврзани да спроведуваат попис, но можеби уште поважно, тоа е обврска која ја имаме кон државата и пред сè кон граѓаните“, вели Маричиќ.
Тој нагласува дека институциите се целосно подготвени и потенцира дека конечно, како целиот развиен свет ќе имаме информации, кои се навистина есенцијални при креирањето на планови и проекти кои се потребни за граѓаните.
„Тоа што е најважно е дека пописот ќе биде спроведен безбедно, почитувајќи ги највисоките стандарди за спречување на ширењето на ковид-19. Докторите ги напишаа правилата за заштита и тие се обврзувачки за сите попишувачи и тука дилеми не треба да има“, вели Маричиќ.
Пописот стартуваше утрово во 8 часот, а ќе трае до 30 септември. Надлежните очекуваат дека ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението за да може да се креираат идните политики.