Постуден од вообичаено и потпросечно сув месец во споредба со многугодишните просечни вредности се карактеристиките за март годинава.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека температурното колебање изнесуваше 8,6 степени, од -1,5 степени во Маврово до 7,1 степен во Гевгелија. Споредено со просечните мартовски средномесечни температури за триестгодишен период (1981-2010), во март 2022 тие се за 2,6 степени под просечната на ниво на држава.
Средната максимална температура варирала од 3,9 степени во Маврово до 13,9 степени во Гевгелија.
Највисоката максимална температура била измерена на 27-ми март во Гевгелија и изнесувала 24,5 степени Целзиусови.
Забележени се потпросечни температури во континуитет во првите 15 дена од месецот на сите мерни места, особено поинтензивно ниски во втората декада. Средната минимална температура варирала од -6 степени во Маврово до 1 степен во Скопје, кај Зајчев Рид и Гевгелија. Најниската минимална температура во март била измерена на 12 март во Маврово -16,5 степени.
Најмногу дожд имало во Маврово 57,1мм, а најмалку во Крива Паланка или 7,0мм. Врнежите биле од дожд и снег. Максимално дневно количество на врнежи од 30,5мм било регистрирано на шести март во Маврово. На Попова Шапка на седми март била измерена снежна покривка од 164 сантиметри.
Врнежите во однос на многугодишниот просек се потпросечни во целата држава. (МИА)