вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мавровски: СДС и останатите советници кои ги поддржаа во нивната деструктивност се директно против развојот на општина Битола

Мавровски: СДС и останатите советници кои ги поддржаа во нивната деструктивност се директно против развојот на општина Битола

СДС и останатите советници кои ги поддржаа во нивната деструктивност се директно против развојот на општина Битола. Нивната намера за блокирање на работата на Советот е всушност блокирање на сите проекти за доброто на битолчани, а ние сме решени да ги реализираме и не отстапуваме од тоа. СДС, не само што нема срам, туку дрско и безобразно продолжува да ја практикува својата ароганција и да манипулира, истакна Васко Мавровски, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола.

-Но, во цела оваа работа проблематични се два значајни факти кои Вие добро ги знаете, ги знае Битола, ги знае цела Македонија.

Прво, советникот Методија Илиевски со кој легитимитет излегува да зборува, кога истиот тој четири години само со празни фрази ја воспеваше работата на нивната локална самоуправа и нивната градоначалничка.

Господине, Илиевски, кој безбедно го врвите својот трет советнички мандат, а за парите на граѓаните ниту им се оддолживте со посветена работа како власт, а уште помалку како крајно деструктивна опозиција на граѓаните, кога очекувате да ви веруваат? Да ви веруваат кога четири години во Советот дефилиравте, се вработивте и напредувавте лично во кариерата и вие и вашиот брат, за останатите пријатели и роднини да не одземаме време во оваа прилика, а тој ваш посветен труд беше вреднуван од граѓаните со убав пораз и награден, се разбира, од партијата со нов мандат. Или пак сега очекувате да ви веруваат, кога по само помалку од година и половина се просветливте и како месија им ја кажувате вистината на граѓаните? За политичар од формат како вашиот многу време ви беше потребно да констатирате една вистина која повторно сигурни сме само декларативно ја изнесувате, дека натпартиски и стручни луѓе за управните одбори се вистинско решение.

Да, господине Илиевски, добро е што го осознавте ова на што би додале, дека во Советот на општина Битола треба, исто така, да седат стручни луѓе, домаќини, еснафи, луѓе кои ја сакаат Битола, а не луѓе жртви на својата сопствена амбиција.

Вториот факт, кој повторно е воден од вашата лична амбиција е грешната локација. Локацијата тотално сте ја утнале, и тоа од две причини: текстот што неколку дена го повторувате сега го пренесовте на говорницата во централните простории на партијата, а сте многу загрижени за Битола?! Или за себе сте загрижени пред поразот на претстојните парламентарни избори?

Втората причина, му го одземате просторот на вашиот намесник премиер, каде што треба да застане и чесно на граѓаните да им признае дека:

– договорот со Бехтел и Енка не е ништо друго туку чист криминал и корупција,
– дека ниту преговара, ниту разговара за македонските државни позиции, туку е обична марионета и послушник и ќе направи се да ги спроведе уставните промени,
– дека не му е грижа дали граѓаните имаат за леб и можат да преживеат, едноставно е посветен на сопствениот бизнис, бизнисите на сопругата и кумот,
– дека сепак не е начисто дали ќе остане или ќе даде оставка и ќе замине во Америка.

Градоначалникот Коњановски, општина Битола, јавните претпријатија, повторуваме остануваат во служба и во сојузништво со граѓаните.

И во сите овие страшни економски услови општина Битола и градоначалникот Коњановски ќе продолжат максимално да работат на реализација на нови проекти, на обезбедување нови работни места, на развојни проекции и на надминување на предизвиците. Со чесност, транспарентност и вистинско искрено залагање нема нерешливи прашања!

И само за крај: оценката за се ја даваат граѓаните, тоа не го заборавајте господо од СДС, а за тоа потврда ќе бидат претстојните парламентарни избори, додава Мавровски.

Најнови вести