Меѓународниот ден на жената – 8 Март денеска ќе биде одбележан во Македонија. Организирани се низа манифестации и трибини посветени на жената, а вообичаено на овој ден им се подаруваат цвеќе и подароци.
По повод празникот, Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне од Жена Парк, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и ќе заврши на плоштадот Филип Втори.
Министерството за одбрана организира трибина на тема „Родова перспектива во одбраната ” која ќе се одржи во Воениот музеј во Скопје
По повод 8 март, Конфедерацијата на слободмни синдикати (КСС) ќе се приклучи на кампањата за спречување родово базирано насилство на работа и ќе организира настан на кој ќе биде поделен печатен материјал.
Симфониски концерт насловен „Женски приказни“ ќе одржи вечер во Македонската филхармонија на кој солист ќе биде руската пијанистка од Германија Олга Шепс, а оркестарот ќе го води нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени.
Статистичките податоци говорат дека 49,9 проценти од населението во Македонија се жени и дека тие живеат четири години подолго од мажот, а просечниот живот им е 77,4 години.
Во однос на мажите поголем е и бројот на дипломирани жени, односно 58 проценти или 4.787. како и бројот на жени магистри односно 58,9 проценти или нивниот број изнесува1.107. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на жени доктори на науки изнесува 111 жени доктори на науки.
Од вкупно вработените жени 94,3 проценти се пријавени на цело работно време, а 74,8 отсто или 283.834 жени работат во приватен сектор.
Најчести женки имиња во минатата година биле Јана и Сара, а жените во Македонија одлучувале да родат едно или две деца.
Вредноста на увезеното свежо цвеќе минатата година изнесувала 959.013 евра од кои 50,7 проценти биле рози. Најмногу се увезува од Холандија и Еквадор.
Жената 16 проценти од своето време го троши на чистење на домот, на слободни активности 15 проценти вработените жени, а невработените 21 процент. Еден час и 50 минути остануваат пред телевизор, еден час и 57 минути се посветени на згрижување на децата, еден час и 41 минути на миленици, доколку ги имаат. За забава и култура жените во урбаните средини одвојуваат два часа и 16 минути, додека жените од руралните средини еден час и 13 минути.
Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.