Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денеска до 18 февруари по четврти пат ќе организира Меѓународна недела, која втора година се одржува онлајн поради пандемијата. Излагањата на учесниците ќе бидат на актуелни теми од хуманистичките и општествените науки. Како што соопшти факултетот, предавање ќе имаат петнаесетина професори од универзитети од САД, Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Португалија, Грција, Турција, Полска…
На настанот ќе бидат промовирани и два нови Еразмус-проекта чиј координатор е Филозофскиот факултет: „Обединети во инклузијата за вработливост“, во реализација со партнерски универзитети од Кипар и Португалија, и „Ажурирање на универзитетските предметни програми за рана интервенција“, во реализација со партнерски универзитети од Шпанија, Русија и Кипар.
Предавањата секој ден до петок ќе почнуваат во 11, 12 и во 13 часот. Наменети се за студентите на сите три циклуси на студирање на Филозофскиот факултет, но на онлајн-платформата може да се вклучат и сите заинтересирани.
– Темите на предавањата се од различни дисциплини од хуманистичките и општествените науки, како филозофија, класични студии, психологија, педагогија, социологија и други, соопшти Филозофскиот факултет за настанот за кој агендата е достапна на линкот http://fzf.ukim.edu.mk/4th-international-week/, како и на: https://twitter.com/FZFIntWeek .