среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Меѓународната заедница бара расчистување на случајот „Рекет“

Меѓународната заедница бара расчистување на случајот „Рекет“

Меѓународната заедница деновиве е едногласна во барањето до властите во државава во врска со расчистување на случајот „Рекет“.

Амбасадорките на САД и на Велика Британија Кејт Бернс и Рејчел Галовеј споделувајќи ја објавата на еврокомесарот Јоханес Хан за случајот „Рекет“ и борбата против корупцијата, на своите официјални Твитер профили порачаа земјата да покаже заложба за придржување кон владеење на правото.

-Како што рековме претходно, ова се сериозни обвиненија за кои е потребен сериозен одговор, кој ќе биде темелен, транспарентен и навремен. Сега е време Северна Македонија да покаже заложба за придржување кон владеењето на правото, напиша Бернс на Твитер.

За Галовеј зацврстувањето на владеењето на правото е од витално значење за Северна Македонија.

-Зацврстувањето на владеењето на правото е од витално значење на Северна Македонија и можност за независните институции да покажат посветенсот на правдата за сите граѓани, објави на Твитер британската амбасадорка.

По објавувањето на снимените разговори во врска со случајот „Рекет“, викендот на Твитер се огласи еврокомесарот за проширување и соседска политика Хан, кој порача дека борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи.

-Северна Македонија: Борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи непрекинато. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучително и оние што произлегуваат од и околу илегалните прислушувања, наведува Хан во објавата.

Тој натаму посочува и дека никој не е над законот и не може да има неказнивост.

-Сите кривични дела мора да бидат испитани од надлежните органи, ослободени од какво било мешање, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, порачува еврокомесарот Хан во објавата на Твитер.

Даниел Сервер од Универзитетот „Џон Хопикинс“, во коментар за истрагата околу случајот „Рекет“ и можната поврзаност на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, изјави дека ваквите случаи треба да имаат судска разрешница, укажувајќи при тоа дека тоа може да биде процес кој нема да заврши брзо.

-Сметам дека главно во момнетов е Владата да стави до знаење дека е посветена на обемна и фер судска истрага, и ако треба, судење на оние кои го извршиле криминалот, изјави тој за МИА.

На прашање дали случајот би можел да се одрази врз пристапните преговори со ЕУ, Сервер изјави дека тоа зависи од самата Унија.

-До Брисел е да одлучи дали треба некакво одложување. Но, убеден сум дека искрена и јасна посветеност на Владата ќе го отвори патот за отварање на преговорите, изјави Сервер.

Со сличен коментар се огласи и Пол Мекарти, директор за Европа во Меѓународниот републикански институт во Вашингтон, кој укажа дека треба да се дозволи истрагата да продолжи понатаму за да се види што всушност е точно, а што не е.

-Во овој момент ние ги имаме само овие снимки и тоа сигурно е загрижувачки. САД, особено Меѓународниот републикански институт, водат голема грижа за институционална транспарентност и силно судство. Истрагата треба да биде завршена, изјави Мекарти за Гласот на Америка.

Тој вели дека опозицијата треба да почека да се реши случајот, пред да излегува со какви било заклучоци. Важно е да биде конструктивна, а американските пријатели се тука за да ја потсетат на тоа, рече тој.

Со свој став се јави и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој на прес-конференција во Вилата „Водно“ побара брзо расчистување на аферата „Рекет“ од аспект на интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО.

-Мораме брзо да ја расчистиме аферата „Рекет“ од аспект на евроатлантските интеграции. Можеби не во однос на НАТО, бидејќи таму сме во завршните фази од процедурата, но во однос на ЕУ не смееме да оставиме ниту најмал сомнеж, ниту кај една единствена земја членка на ЕУ дека ние не сме подготвени да расчистиме и вакви случаи, порача Пендаровски.

За тоа колку аферата „Рекет“ ќе влијае на добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Пендаровски е дециден дека во овој момент од информациите што ги има од ЕУ и Европската комисија, нема промена во ниту една земја членка во насока за ревидирање на нивниот став. Потсети дека одложувањето во јуни беше од технички причини заради германскиот Бундестаг, кој на 27 и 28 септември треба да ја одржи сесијата на која ќе даде зелено светло.

-Нема промена, но ние мораме да дуваме и на јогурт. Не смееме да се опуштиме. И помали афери од оваа се повод некои од земјите членки, бидејќи не го сакаат проектот на проширување, да кажат не ни требаат овие од Западен Балкан, кој било. Имаме обврска да не им дадеме аргумент плус на таквите нивни политички настојувања, оцени Пендаровски кој додаде дека разговарал и добил уверување од некои негови пријатели во Брисел, дека досега нема битна промена на расположението во главните градови кои решаваат за интеграциите.

Најнови вести