Лицето од Кичево денеска е тестирано од мајмунски сипаници и во моментов е во изолација, потврди за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
-Пациентот од Кичево денеска беше исконтактиран, а потоа и тестиран од страна на Центарот за јавно здравје во Битола. Во моментов, тој е во изолација, а резултатите од тестот ги очекуваме до 20 часот, додаде Мехмедовиќ.
Ова беше првиот пациент кај кого постоеше сомневање дека е заразен со мајмунски сипаници, но тој одбиваше да се тестира.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски на последната прес-конференција во врска со овој случај потенцираше дека нема законска можност лицето да се присили за тестирање, бидејќи ова не е болест со која следи задолжителна изолација, туку има само препорака. Но, како што рече, постои можност да се побара здравствен надзор.