Во овој момент нема апсолутно никаква логика тоа да биде направено затоа што ковид-сертификатите својата важност ја добиваат преку тоа што ги штитат оние што не може да ги имаат, рече докторот Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Тој вели дека е рано да се размислува за тоа бидејќи ние сè уште сме во фаза на широка трансмисија на вирусот и не може да правиме споредба со други европски земји затоа што кај нив има голем процент (над 80 отсто) вакцинирано население, додека кај нас тој процент е само 40 отсто.
„Со укинување на сертификатите кои важат за контрола на движење на граѓани во затворен простор каде е најголема опасноста од трансмисија, многу е веројатно дека ќе направиме поголема трансмисија на вирусот со укинување на сертификатите без разлика на искуството кое го применуваат останатите земји како што Велика Британија, Данска и другите. Кај нив имунитетот постигнат преку имунизација или вкупниот имунитет преку имунизација и прележување на болеста е значително поголем отколку кај нас. Не треба да заборавиме дека кај нас процентот на вакцинација е 40 отсто од населението. Споредено со тоа, во Данска имате 85 проценти или во Велика Британија некаде над 80 проценти од населението е вакцинирано. Не може да ги гледаме работите индивидуално, односно да кажеме дека останатите земји кои ги укинуваат сертификатите даваат добар пример и дека треба да го следиме. Треба да видиме каква е епидемиолошката состојба кај нив, каков е имунитетот кој го имаат создадено и ако тоа одговара на нашата епидемиолошка состојба тогаш да го примениме“, рече Мехмедовиќ на денешната прес-конференција.