Власта врши класична злоупотреба на вонредната состојба за задоволување на личните и теснопартсиките интереси.
Во услови на криза кога во буџетот на државата нема средства за редовни исплати и нормално функционирање на системот, Владата носи Уредба со која ќе обезбеди дополнителни средства и ќе ги вдоми своите партиски војници од СЈО во некое од редовните обвинителства, надвор од сите законски процедури.
Со оваа Уредба се заобиколува Законот за јавно обвинителство и државниот обвинител добива ингеренции кои што не му следуваат, а се поврзани со вработените во СЈО.
Содржината на уредбите со законска сила мора да соодветствуваат и да бидат во насока на надминување на вонредната состојба, а како злоупотреба на моќ ќе се смета секое отстапување од пропишаните уставни норми. Владата во никој случај не смее да ја пречекори својата надлежност и користејќи ги специфичните овластувања да се впушти во редефинирање на правниот поредок во државата од едноставна причина, за лични партиски интереси да доведува до правна несигурност.
Уредбите за време на вонредна состојба покрај тоа што мора да се во рамките на законите кои се во сила, може да уредуваат само прашања непосредно поврзани со надминувањето на вонредната состојба и за нивното непочитување се предвидуваат и казнени дела и санкции за нив.
Лани во декември, во Собранието се обидоа со измени на Законот за јавнообвинителска служба, по скратена постапка да ги обезбедат нивните партиски војници во СЈО и да ги вдомат во обвинителствата низ државата, но не успеаа таквиот закон да го донесат и истиот застана во комисиска процедура.
Тогашната Влада се правдаше дека законот е предлог на пратениците и дека нема никаква врска со тој закон, но сега е јасно дека владата сакала да го протурка овој против уставен закон преку пратениците.
Ги повикувам претседателот на државава Стево Пендаровски и Уставниот суд на Република Македонија да преземат мерки што е можно побрзо, со цел да се спречи злоупотребата на вонредната состојба, прогласена од страна на Претседателот на државата, а ваквите Уредби кои што немаат никаква врска со вонредната состојба во државава веднаш да бидат поништени од страна на Уставниот суд.
Од една страна сакаа да им скратат плати на административците, со образложение дека требало да бидат солидарни бидејќи нема пари во Буџетот, а од друга страна наоѓаат пари за нивните партиски војници во СЈО, кои земаа илјадници евра од буџетот спротивно на закон и за кои сеуште нема истрага од страна на институциите.
Ниту пак беше дозволено формирање анкетна комисија, предложена од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, како би се разгледало работењето на оваа институција од оние кој што согласно Закон и Устав се повикани да го прават тоа.
Дополнителни, во изминатите неколку години во ЈОРМ, со договори на дело на една година, беа ангажирани околу 80-100 лица( како дактилографи и друг персонал), нивните договори секоја година беа продолжувани.
Оваа година нивните договори не беа продолжени со образложение дека “Огласот е поништен” поради почеток на предизборните постапки и тие луѓе не се ангажирани во ЈОРМ. Се поставува прашањето, дали некој намерно не им го реализирал конкурсот, со надеж дека ке остнат непополнети овие места, како би се вдомиле партиските кадри од испоставата на Сдсм-СЈО.
Ова е таа дволичност и лицемерие на оваа ненародна власт.
Во време на пандемија да се занимаваат со тривијални работи за граѓаните, но примарни во нивната профитерска агенда.
Ако не Судот, за ова ќе ви пресудат граѓаните на избори.
Никола Мицевски
Координатор на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ