Денес во Собранието се случува уште еден скандал и уште едно брутално кршење на Деловникот и газење на Уставот на Република Македонија. Владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ повторно демонстрираат уставно и деловничко насилие и самоволие. Тие по којзнае кој пат се обидуваат да го приватизираат Собранието на Република Македонија, истакна Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено, на денешната пленарна седница на дневен ред, на 4 минути пред почетокот, се најде точка за разрешување на пратеникот од БЕСА од Комисијата за прашања на изборите и именувањата, бидејќи како што знаете, тој и БЕСА веќе не се нивен подобен партнер во власта, туку нивен политички противник. Токму од овие причини, пратениците на СДСМ, ДУИ денес решиле дека пратеникот од БЕСА нема повеќе да биде член на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата бидејќи токму во Комисијата им е потребно мнозинство кое ќе ги аминува нивните штетни и политички одлуки.
Сепак, апсурдот и грубото кршење на Уставот, Деловникот и процедурите се во следново. Очигледно брзајќи и водејќи се од својата намера по секоја цена да го разрешат пратеникот од Комисијата, пратениците на СДСМ и ДУИ направија огромна, несфатлива и аматерска грешка, повикувајќи се на членовите 114 и 118 од Деловникот и членовите 68 и 76 од Уставот. Со тие членови од Уставот и Деловникот се уредуваат избор, именување и разрешување на НОСИТЕЛИ НА ЈАВНИ И ДРУГИ ФУНКЦИИ, како и работните тела на Собранието. Повторувам, членовите 68 и 76 од Уставот и членовите 114 и 118 од Деловникот се однесуваат на избор, именување и разрешување на носители на јавни и други функции, рече Мицевски и додаде:
„Тука лежи проблемот и замката во која што СДСМ и ДУИ се обидуваат да не втурнат. Пратеникот не е носител на јавна или друга функција, тој не е министер, тој е пратеник во Законодавниот дом избран на директни и непосредни парламентарни избори. Тој е директен претставник на граѓаните, а не именувано лице од страна на Собранието на Република Македонија. Токму затоа, овој предлог за негово разрешување како член на Комисијата е неделовнички и очигледно тесно-партиски мотивиран.
На овој начин, со ова срамно и неделовничко однесување, СДСМ и ДУИ на најдрзок начин, покрај газењето на Уставот и Деловникот, тие директно ја погазуваат волјата на народот. Тие практично го разрешуваат и суспендираат мандатот на пратеникот Фадил Зендели кој е избран од граѓаните, а не од Заев и Ковачевски и не од СДСМ и ДУИ.
Очигледно двоецот СДСМ/ДУИ не бира средства кога станува збор за нивните партиско-коалициски договори и пазарења. За нив не постојат ниту волјата на народот, ниту пак Деловникот и законите во Република Македонија. Очигледно, за нив постојат само партиските закони и агенди.
На крајот, како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, јасно и гласно упатуваме порака дека доколку СДСМ и ДУИ не отстапат од оваа намера и не ја повлечат оваа противуставна и неделовничка предлог одлука за разрешување, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе размисли за понатамошното делување во Собранието и ќе бори против сите вакви и слични партиско-политички и штетни закони и одлуки, освен оние кои ќе се однесуваат за доброто на граѓаните.
Господо од власта, насилието и самоволието стана секојдневие во законодавниот дом и затоа ние нема да бидеме соучесници во овој хаос и нема да дозволиме Собранието на Република Македонија да се претвори во партиски штаб и испостава на СДСМ и ДУИ“.