Ова е низок морален чин од страна на премиерот Зоран Заев од причина што на координацијата што се одржа понеделникот договорено беше оваа седница за пратеничките прашања да се одржи на денешниот ден 23.12.2021 година. Иако не е последен четврток од месецот, секако. Премиерот Заев чекаше во текот на вчерашниот ден да заврши седницата за да ја постави својата оставка, а не да ја поднесе за време на седницата, затоа што знаеше дека ќе има дискусии и коментари од пленарната говорница, а тоа е нешто што во овој момент не им одговара на СДСМ, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „24 анализа“.
Мицевски додаде дека доколку беше висок морален чин оставката иако тој би го класифицирал како класично бегство од она што следува и од резултатите кои што ги направи СДСМ на локалните избори, свесни дека наредниот период само на полошо ќе одат работите во СДСМ, ова е еден вид на евакуација на Заев, би почекал доколку сака да го класифицира како висок морален чин да завршат пратеничките прашања бидејќи тие беа најавени и уредно прифатени. Дури смета дека роковите не се многу разлика доколку таа оставка беше поднесена во текот на денешниот ден.
– Ама упорно бегајќи изминатиов период затоа што морам да кажам дека последните пет месеци нема одржано пратенички прашања ниту еднаш, упорно бегајќи од сите одговори кои што треба да се дадат пред македонската јавност ние дојдовме во ситуација да измислуваме тактики и стратегии како да избегаме од граѓаните и од одговорите, а пред се од транспарентноста. И ова Влада на начинот на кој што го започна својот мандат популистички, на истиот тој начин и го завршува, децидно нагласи Мицевски.
Мицевски посочи дека добро е што граѓаните се политички едуцирани па го казнија СДСМ.
– Членот 93 од Уставот во став 5 вели дека Владата на која што е изгласана доверба, или која што поднела оставка како во случајот наш, или мандатот кој што престанал во распуштање на Собрание, останува во должност до нова Влада. Значи ние сега таа Влада ја имаме, постои институт Влада во оставка. И сега во правото постои институт Влада во оставка, таа Влада во оставка работи во периодот додека не се избере нова Влада. И таа Влада во оставка има обврска да одговори на прашањата што ќе ги постават пратениците, значи тоа е една од алатките на опозицијата, истакна Мицевски.
Мицевски додаде дека опозицијата немаше на пратеничките прашања да ја прашува оваа Влада кои ќе бидат нови министри или која ќе им биде програмата, туку за актуелни теми и проблеми кои што ги мачат граѓаните на Република Македонија.
– Требаше да одговорат на сите оние скандали за кои што се бега во изминатиов период. Ние во текот на денешниот ден по завршување на седницата за која што колегата Митрески рече дека нема предуслови да продолжи затоа што Владата дала оставка, продолжи со други седници, укажа Мицевски.