Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ уште еднаш се заложи за почеток на преговори на Македонија и на Албанија за членство со Европската унија, нарекувајќи го „безобразно“ нивното држење пред вратите на ЕУ.
„Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки кои се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки“, изјави Милановиќ по средбата со својот македонски колега Стево Пендаровски во Загреб, нарекувајќи ја земјава без географската одредница.
Изјавата на шефот на хрватската држава е реакција на вчерашната на министерката за европски прашања на Португалија, која предизвика бура во Македонија со тезата дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.
„Што би било кога Хрватска би го довела во прашање црногорскиот јазик или бошњачкиот јазик? Живееме во ЕУ, која е заедница на нации, на посебности, идентитети. Не е едно. Не била и нема да биде едно и тоа го гледаме сè повеќе и повеќе. Така што изјавата од една министерка е, пред сè, резултат на незнаење, но и на невнимание. Јас не сакам да бидам невнимателен и со моите изјави можеби да му наштетам на процесот“, додаде Милановиќ.