Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во своето гостување во емисијата „Отворено“ на телевизија Алфа во дебата со пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец истакна дека пратеникот од власта одлично ги брани грчките позиции во однос на проблемот со името.
Тој посочи дека судот во Хаг се произнесе и пресуди дека со ниеден чин државата Република Македонија и надлежните институции не го прекршиле духот на времената спогодба.
-Сите овие аргументи што ги изнесува и квалификации господинот Хари Локвенец ги слушнавме веќе од грчкиот тим во Хаг. Грчкиот тим предводен од Дора Бакојани го говореше ова. Владата го смени името на аеродромот, Александар Македонски е хеленистичко наследство, владата шири разни мапи карти на голема Македонија, владата провоцира со не знам имаше некои обележја на одредени споменици во Битола и во Скопје и сл. За сите овие квалификации од страна на Грција кои што сега добро ги застапува господинот Локвенец судот се произнесе и рече, со ниеден чин државата Република Македонија и надлежните институции не го прекршиле духот на времената спогодба, вели тој.
Според Милошоски СДСМ и од позиција на власт и од позиција на опозиција ги уривала македонските позиции во преговорите за името со Грција, притоа споменувајќи ги колумните на Тито Петковски и Љубомир Фрчковски кои му ги споменала поранешната грчка министерска за надворешни Бакојани, колумни во кои тие истакнуваат дека нема ништо страшно во промената на Уставот, а со цел промена на името.
-Во пресудата имаме класично оборање на тезите кои што Грција ги користеше за напад на Република Македонија. Но јас ќе поставам едно друго прашање, ако бил проблемот аеродромот Александар Велики, Македонија да добие почеток на преговори со ЕУ или покана за НАТО. Што беше проблемот што Грција воведе ембарго кон Република Македонија од две години кога Киро Глигоров беше претседател. Немаше аеродром Александар Велики, немаше мапи, немаше ништо друго. Кога сакате да најдете изговор да го кочите вашиот сосед ќе најдете изговор. Дали кај Хари Локвенец, дали кај Глигоров, дали кај Никола Груевски, дали кај Бучковски или Црвенковски, Грција тоа го правеше, а опозицијата помагаше во изнаоѓање изговори од грчката страна. Јас во еден разговор што го имав со госпоѓата Дора Бакојани таа ми извади мене колумна од Тито Петковски и од Љубомир Фрчковски каде што викаат не е проблем да се смени Уставот. Зошто вие се противите на менување на Уставот кога вашите еминентни политичари немаат проблем со тоа. Опозицијата ги деградираше позициите кои што државата, не ВМРО-ДПМНЕ, државата од Глигоров и Кљусев па до денес ги чувала како сериозни стратешки позиции затоа што и министерот Димитров додека беше амбасадор во Вашингтон и преговарач еднаш кажа во свое интервју ,, Уставот е темелот на суверенитетот на една држава и не смее да се менува’’. И гледаме сега дека како цената е власта, тогаш се може да се менува, заклучи Милошоски.