Денес при посетата на општина Свети Николе, пратеникот Антонијо Милошоски беше прашан од страна на медиумите за коментар по изборот на Павлина Црвенковска за нов претседател на Судскиот совет.
– Коментар за изборот на Павлина Црвенковска за претседател на Републичкиот судски совет е дека таа е се она што беше спротивно на препораките на европскиот стручњак Прибе. Прибе препорача во Судскиот совет да нема политички фигури, а Павлина Црвенковска е класична политичка фигура на Зоран Заев и на Бучковски во Судскиот совет, рече Милошоски.
Милошоски додаде дека наместо стручност, нејзиниот избор претставува деградација на мнозинството на судии во Македонија. И ваквата политизација дополнително ќе ја турне Македонија пониско на листата на земји со висока корупција.
– Гледаме дека семејството на госпоѓата Павлина Црвенковска заеднички со Заев имаат тоа што и двајцата и двете семејства навремено веројатно превремено знаеле што ќе се случува со Еуростандард банка, и се правеле одредени малверзации на штета на штедачите, а во корист на одреден тесен круг на фирми блиски до Заеви, појасни Милошоски.