Европа има правила кои ги почитува, но тоа не значи дека не може да се направи преседан, особено земјата на која што се однесува некој документ, преговарачка рамка, протокол или слично дозволува тоа да и се случи. Ако вие дадете сигнал дека не сакате да размислувате за било каква преговарачка рамка во која се вклучени билатерални спорови или во која се оспоруваат јазик, идентитет, културна самобитност, цивилизациски придобивки на самата нација, тогаш никој не може да ве присили, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Милошоски потенцираше дека ако како влада дали тоа го направил Ковачевски, Османи или кој и да е официјален претставник дал сигнал дека Македонија може да размислува за поинакви преговарачки рамки од она што беше понудено за време на германското и португалското претседавање, тогаш во Европа може да има и такви актери кои ќе кажат дека прават преседан бидејќи е прифатлив на земјата на која се однесува.
– Ако самата земја не си ги штити своите права преку Лисабонскиот договор кои и се загарантирани на секоја нација и земја членка од ЕУ, тогаш зошто некој од Чешка или Словачка да ги штити повеќе нашите права повеќе од нас. Затоа, сметам дека ова што Франција го предложи како преговарачка рамка, според мене е верзија која постои, инаку бугарското народно собрание не би имало како да ја прифати или ратификува, а ние гледаме дека ја прифатија и додадоа дополнителни услови во двостраниот протокол преговаран на ниво Македонија – Бугарија. И чудно е што владата до последен момент тврдеше дека не добила документ, што е потценување на интелигенцијата на јавноста, рече Милошоски
Тој истакна дека Македонија заради себе требаше уште во самиот процес на нацрт на овој француски предлог, истиот да го одбие затоа што е навистина контроверзен и не ветува стигнување до целта.
– И да се прифати таков предлог во следните 15 години нема да има проширување со нова полноправна членка на ЕУ. Бесмислено е да правите концесии, национални понижувања, внатрешни поларизации за ништо. Гледаме дека владата се обидува по секоја цена да прифати нешто само да добие датум. За датумот се зборува и кога треба и кога не треба, и кога имаат неуспешни проекти во образование, здравство, земјоделие се се покрива со датумот, па дури и со економски, политички кризи датумот се дава како лажна надеж дека од утре ќе биде подобро. Очигледно е дека владата тргнала дека датумот бил поважен од содржината на преговарачката рамка, нагласи Милошоски.