Ковачевски не ја говори целата вистина кога зборува за инфлацијата, бидејќи и сега, и пред една година, пред две години и пред да почне инфлаторната криза во цела Европа, во Македонија се појави инфлација. Значи и да ги зголеми платите на оние кои имаат потреба и оправдана законска основа, инфлација во Македонија ќе има, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Само интервју“ на Канал 5.
Милошоски истакна дека прашањето за Ковачевски е дали тоа што директорот на РКЕ зема 130.000 денари плата, директорот на АЕК од ДУИ зема 150.000 денари плата, дали овие нивни високи плати прават притисок да има инфлација или тоа важи само за наставниците?
– Ковачевски самиот како поранешен заменик министер за финансии и кој работел во приватен сектор знае што значи покачување на минимална плата, тоа значи дека им давате законска основа на сите други да бараат линеарно покачување на платите бидејќи тоа ги менува коефициентите на пазарот на трудот. Ако важи за еден среднист, треба да важи и за еден со високо образование. Неговиот тим нема капацитет со целосна слика да ја истера работата до крај и затоа сметам дека оваа влада не може позитивно да одговори на економските потреби на граѓаните, рече Милошоски.
Тој потенцираше дека од позиција на економски тим ВМРО-ДПМНЕ има подобар капацитет од СДСМ и од ДУИ заедно и дека оваа влада којашто во пет години смени три министри за финансии нема концепт за управување со буџетот како основен стожер на економијата.
– Според мене ако се работи домаќински и ако повеќе од буџетските средства се трошат на капитални инвестиции, с е намалат расходите на договорни услуги, се намалат расходите на други трошоци како опремување на институции, тогаш ќе има доволно средства за да може да добијат и другите сегменти од општеството покачување. Се разбира паралелно да се работи за привлекување на домашни и странски инвестиции. Во изминативе 5 години, ние немаме ниту еден покрупен странски инвеститор во државата. Ако имаше секоја година по една голема инвестиција денес економијата ќе беше многу подобра, изјави Милошоски.
Милошоски го даде примерот за општина Тетово каде имало отприлика 412 договорци на делоод кои како што кажа градоначалникот 250 не се појавувале на работа, тоа се многу големи средства и тоа се дадени на пријателска, роднинска партиска основа.
– Такви има и на државно и на локално ниво. Ако се скратат вакви трошоци ќе може на тие кои реално работат и во приватен и државен сектор па и за пензионерите да има поголем капацитет за да им зголемите примања. Ако во капиталните расходи каде што е најслабата точка на власта. Имаат предвидено 615 милиони евра за 2022 година, а во првото тромесечие има реализирано само 13% што е многу мала реализација, нагласи Милошоски.