На денешната седница во Собранието на Република Македонија пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски истакна дека разрешувањето на член на комисијата за избори и именувања и повикувањето на член 114 дека се работи за избран и именуван функционер е голема глупост, како и газење на Уставот и интегритетот на пратениците.
– Прво околу разрешувањето во самата комисија, има еден член кој што ја определува надлежноста на комисијата, член 7 од одлуката за прашања за избори и именувања комисијата има претседател, 12 члена и избрани заменици, меѓу другите надлежности, комисијата има надлежност за предлагање на состав на постојани и повремени работни тела на собранието и нивни членови. Самата комисија е постојано работно тело и има членови, и да треба да смени некој член, дали сака доброволно да се смени или да биде избран на некоја друга позиција, градоначалник или да му се случи некој здравствен проблем тогаш комисијата треба да го даде предлогот, и да каже колегата или колешката тој и тој член од комисијата од денес не е член, член е некој друг или се заменува членувањето од една во друга комисија. Затоа сметам дека разрешувањето на пратеник од работно тело без одлука на комисијата за избори и именувања не е деловнички и не е демократски чин, истакна Милошоски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски додаде и дека повикувањето на член 114 дека се работи за избран и именуван функционер е голема глупост како и газење на Уставот и интегритетот на пратениците.
– Повикувањето на член 114 дека се работи за избран и именуван функционер е голема глупост за која што ве посоветувале правнички. Избраните и именувани функционери даваат заклетва, избран и именуван функционер може да биде обвинител, директор, може да биде избран во советот на МРТВ, или некој друг фуункционер кој што го бира Собранието, но тие луѓе дават заклетва и излегуваат од Собранието и одат на позициите на кои се избрани. Овде ние не сме го виделе колегата Фадил Зендели да дава заклетва дека е член на комисијата за избори и именувања и дека тоа него го направило попривелегиран од сите нас. Тоа е нонсенс и мислам дека е газење на Уставот и на интегритетот на пратениците, нагласи Милошоски.