„Остваривме контакт со Бујар Османи и се закажа седница на Комисијата за надворешна политика овој петок во 11 часот. Истата предлагаме да биде отворена. И очекуваме министерот за надворешни работи не само лично да образложи туку и да ги презентира пред пратениците, да ги подели како документи одговорите кои што од македонска страна се испратени до официјална Софија за т.н. план 5+1“,истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Милошоски додаде дека прашање е дали ќе ги направи достапни за пратениците одговорите кои што ги испратила македонската страна до официјална Софија за т.н. план 5+1 или ќе ги задржи затворени.
„И токму од тоа ќе зависи транспарентноста или нетранстапарентноста на односот на Владата кон македонско – бугарските разговори“, заклучи Милошоски.
Милошоски посочи дека доколку Владата нема што да крие и нешто што е сензитивно за јавноста, или пак неповолно за Македонија би било природно да дојде во Собрание и да ги изложи своите ставови и потоа да добие поддршка од Собранието или можеби некакви сугестии за настапот во Софија.
„Затоа сметаме дека самата Влада ги крие позициите кон Софија дури и од сопствените пратеници кои што се членови на СДСМ и ДУИ. И во тој дел гледаме дека се комплетно нетранспарентни“, заклучи Милошоски.
Милошоски рече дека ниту опозицијата, ниту пак Парламентот не биле консултирани за позициите кон Бугарија кои што се видоа преку јавноста од Ковачевски. Затоа се смета дека се нелегитимни и спорни.
„Нашите соседи, но и вантрешни политички актери не само соседите претпочитаат да имаат ваква слаба Влада како соговорник. И вие имате слаба Влада која што по сите перформанси економија, здравство, земјоделство, стопанство, инвестиции има многу лоши резултати, стандардот опаѓа и инфлацијата расте, на Владата единствено што и преостанува е да ја спинува се уште европската приказна и перспектива, датумот и се тоа во недоглед со години. И таквата слаба Влада им одговара и на официјалните преставници од Софија и на одредени помали или поголеми политички партии во Македонија за да можат истата влада да ја условуваат и да добуваат гратис ветувања кои што не се совпаѓаат со интересите на Македонија како држава“, појасни Милошоски.