Во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24 гостуваше пратеникот и член на ИК Антонијо Милошоски. Тој во однос на уставните измени посочи дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да се случат.
„Во овој парламентарен состав нема да се случат промени на Уставот затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери има цврст став околу ова прашање и не сакаме да ги изневериме граѓаните за нешто што не сме добиле легитимитет. Ниту пак да бидеме покритие за власта за грешните потези што ги преземаа во однос на Софија“, рече Милошоски.
Милошоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е расположено за избори во секој момент, но власта не е.
„По однос на предвремени избори ние сме за и расположени сме во секој момент да има предвремени избори. Но гледам дека кај СДСМ и кај ДУИ не постои расположение за предвремени избори особено кај ДУИ како партија која во моментов иако нема премиер сепак ДУИ е главниот политички играч во Владата, а СДСМ станува спореден коалиционен партнер односно втор“, кажа Милошоски.
Милошоски потенцираше дека што и да побара ДУИ добива од СДСМ бидејќи СДСМ е во страв од избори и смета дека со задоволувањата кон ДУИ ќе останат подолго на власт.