Вчера ми се јавија блиски луѓе вознемирени од “веста” на Б.Тричковски, новинар платен од редовите на владеачката партија, дека сум загинал во сообраќајка и згрозени од текстот.
Што да се каже? Во ова време на пандемија, смрт и семејни несреќи од кои сите сме загрозени, навистина е умоболно на било кое семејство или поединец да му злокобиш со желби за смрт? Политиката е политика и не е чудно во неа да сретнеш и лични напади, и навреди, и шпекулации, и да се справуваш со тоа. Но ова што го прави платеникот на пропагандниот тим на власта, е навистина мрачно и затруено со слепа омраза кон било кој поистакнат политичар кој ја критикува владата, стои во Фејсбук статусот на Антонијо Милошоски.
– А сеењето на говор на омраза никогаш не донело ништо добро ниту на извршителот кој ја шири омразата, ниту на политичарите кои ја нарачуваат ваквата некрофилија. Ова не е ниту демократски, уште помалку човечки чин, а на Македонија само И создава лош имиџ пред ОБСЕ и ЕУ, како држава во која хибридниот режим злоупотребува ментално нестабилни платеници за да предизвикуваат трауми кај семејствата на политичките неистомисленици. Дно!
Да се поднесува пријава до обвинителството или до МВР за ваквата морбидна некрофилија, во време кога и двете овие институции се дел од хибридниот режим на власта нема многу смисла. Но, корисно би било и за сегашните властодршци да сфатат дека политичката битка не треба да биде изговор за да се погази минимумот на човечки однос кон било кого на јавната сцена.
Во целиот овој зломрачен нарачан напад сепак најмногу ми значеше поддршката од најблиските во семејството, од пријателите, но и неколкуте јавувања и пораки од мои познаници во СДСМ , кои иако не јавно, сепак најдоа за сходно лично да се оградат од морбидната некрофилија на Тричковски. Им благодарам на сите нив. Животот, семејствата и пријателствата се сепак посилни од некрофилија на јавната сцена.
Посакувам многу здравје и добри мисли на сите, пишува тој.