Децата од прво, второ, четврто и петто одделение чиишто наставни материјали се менуваат, нема да останат без учебници. МОН заедно со Бирото за развој на образование од први септември има подготвено материјали со цел да се задржи континуитет на учебниците и тоа само за првите два месеци, и тие навреме ќе бидат доставени до учениците и ќе бидат обезбедени од министерството, уверува министерот за образование Јетон Шаќири.
Тој, во вечерашното гостување во „Жешко политичко лето“ на Канал 5 ТВ рече дека сите учебници за учениците кои учат по стариот концепт ќе бидат навремено доставени.
Шаќири нагласи и дека учебниците за трето, шесто, седмо, осмо и деветто одделение, како и за средно образование ќе бидат доставени до почетокот на учебната година.
Тој додаде дека во однос на барањето на граѓаните да се вратат печатените учебници дава целосна поддршка уште од почетокот на неговото доаѓање на функција, но дека постојат временски рокови за одредени постапки.
За проблемот со свидетелствата министерот ја посочи одговорноста кон Бирото за развој на образование.
-Веднаш реагирав во Бирото за развој на образование, ова да не се повтори, затоа што ние овие податоци ги имаме однапред, го знаеме бројот на ученици од почетокот на секоја учебна година, одговорноста мислам дека е во Бирото и очекувам оваа учебна година кога ќе заврши децата да ги имаат свидетелствата навремено, рече Шаќири, додавајќи оти е побарана одговорност.
Тој вели оти се работело за постапки што се однесуваат на законски временски рокови и тие се испочитувани, но во текот на постапката имало одредени проблеми, за кои изрази очекување дека во наредниот период ќе нема вакви проблеми од технички аспект.
Шаќири кажа дека деветтооделенците и тие што завршија средно образование имаат земено сведителства.
Министерот исто така оцени дека резултатите од рангирањето на успехот на учениците не се на задоволително ниво, нагласувајќи дека поради тоа се потребни реформи. (МИА)