понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Министерот за правда контра обвинителот Јовевски, вели може да има судски постапки онлајн

Министерот за правда контра обвинителот Јовевски, вели може да има судски постапки онлајн

И покрај тоа што судењето потешки казнени дела е доста комплицирано, а преку онлајн судење на ваквите дела се отвораат и можности за бројни злоупотреби, министерот за правда Бојан Маричиќ не сака да побара посоодветно решение и инсистира на измени во законот за кривична постапка кои се потребни за онлајн судење.

На тоа дека во постапките за потешки казнени дела со онлајн судењето се отвораат многу прашања и простор за злоупотреба во процесот укажа и првиот човек на јавното обвинителство Љубомир Јовески во гостување на телевизија 24.

-За високопрофилните судења, на пример. се поставува прашањето како ќе се обезбеди присуство на обвинетиот, како ќе бидеме сигурни дека сведокот е сам, дека нема некој во просторијата кога тоа е онлајн и не му сугерираат одговори и слично. Сега е сосема поинаку, има физичко обезбедување, се знае кој со кого комуницира, рече Јовевски.

Но, Маричиќ од друга страна вели дека иако има и други начини да се реши тоа тој останува на идејата за онлајн судење и рече дека ако образованието и владата можат да функционираат онлајн, зошто да не се направи обид и судењата да бидат онлајн?

-Има начини како сето ова да се реши, дали со специјални простории во судот кога станува збор за испрашување сведоци, дали друг начин, но целта е да не се собираат многу луѓе на мал простор. И останувам на идејата за онлајн судења и ќе ја тераме и во иднина. Ако цел образовен систем го префрламе да функционира онлајн, ако Владата работи онлајн, тогаш зошто да не се обидеме и судењата да бидат онлајн? праша министерот Маричиќ.

Тој додаде и дека во моментот активно се работи на драфтирање на Законот за парична постапка, кој ќе биде наскоро во собраниска процедура. Додека за ЗКП, рече дека дебата ќе се отвори наредната година.

Најнови вести