Претседателот на комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Миноски во вчерашното гостување во емисија „Без ракавици“ на ТВ Алфа истакна дека во првиот квартал се намалила потрошувачката, имало пад на градежништвото, а единствена витална економска активност покажале странските инвестиции кои се донесени од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кои своевремено беа критикувани од страна на СДСМ.
– Кога се анализираат бројките за градежништвото многу е важно да се земе во предвид дека трендот на активности во градежништвото е битен од аспект на тоа што со градежништвото директно се врзани околу 23 индустриски гранки, така што зголемената градежна активност значи зголемена потрошувачка и обратно намалената градежна активност, намалена потрошувачка, рече Миноски.
Миноски додаде дека главниот двигател на македонската економија изминатите неколку години биле компаниите односно индустриските зони кои што се меѓународни компании и кои што имале етаблиран систем како на добавувачи исто така и на купувач.
-Претходната влада водеше грижа не само за странските инвеститори туку и за домашните инвеститори од аспект на тоа што и на домашните компании под исти услови им беше дадено да се отвораат свои капацитети во слободните економски зони, потенцираше тој.
Миноски истакна дека сегашната влада на СДСМ е контрадикторна бидејќи од нивна страна кога бил во опозиција постојано одржувале прес конференции каде што граѓаните биле манипулирани од нивна страна и се пласирале лажни бројки, додека како што рече тој се гледа висината на долгот по глава на жител се зголемил за по 1200 евра. Според него ова е политика која што значи продолжување на задолжувањето.