сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Миноски: Во услови на мирен мандат Тевдовски не направи суштински реформи

Миноски: Во услови на мирен мандат Тевдовски не направи суштински реформи

Заев ќе биде еден од ретките премиери истовремено и министер за финансии, секако доколку предлогот за реконструкција помине во Собранието. За начинот на кој треба да функционира министерството за финансии како еден од најважните ресори во Владата анализираме со Кирил Миноски, поранешен министер за финансии. Според Миноски ваквиот потег е невообичаен и непознат за светските финансиски институции. Кои политики му пресудија на неговиот наследник Драган Тевдовски, како од денешна перспектива се гледа на јавниот долг на државата споредено со тоа кога тој беше министер и задолжен за долговите, што е подобрено во начинот на кој се трошат парите од државната каса во последните две години, се неколкуте дилеми за кои разговараше екипата на Фактор.мк.

Фактор: Колку е изводливо премиерот да биде истовремено и министер за финансии. Колку оваа функција е одговорна и тешка за исполнување, ќе има ли капацитетот премиерот Заев да „седи на две столчиња“?

Миноски: Не ми се познати многу примери во светот, каде што едно лице во исто време е претседател на влада и министер за финансии. Со оглед на тоа дека имаме политичка влада зад која што што стои парламентарното мнозинство, политичката одговорност за евентуалното неуспешно извршување на функциите ќе ја сноси истото.  Во секој случај се работи за две одговорни функции, чие што паралелно извршување ќе бара огромен напор, време, енергија и ангажман, како сето тоа во пракса ќе изгледа не ми е познато.

Фактор: Министерот Тевдовски е практично најголемата „жртва“ на операцијата „Метла“. Што мислите вие како екс министер за финансии, заслужи ли Тевдовски да биде разрешен?

Миноски: Поставувањето и разрешувањето на министерот Тевдовски е прашање на парламентарното мнозинство и владината коалиција. Лично мене не ми се допаѓа кокетирањето со социјализам без да се има соодветна економска основа за тоа. Во услови на мирен мандат без посериозни политички притисоци и потреси, за разлика на пример во мојот, кога функцијата ја извршував во една исклучително тензична и политички сензибилизирана атмосфера, не се спроведоа никакви суштински реформи во делот на јавните финансии, ниту се понудија нови решенија и проекти во делот на унапредувањето на деловното опкружување, конкурентноста, пристапот до финансии, зголемување на продуктивноста, развојот на работна сила, воведување на нови и поквалитетни услуги на јавниот сектор и слично, се што видовме е делумна имплементација на претходно осмислени и договарани проекти со меѓународните финансиски институции. Не може управувањето со јавни финансии да се сведе само на зголемување на даноците на малите и креативните претприемачи и индивидуи, лица кои што се двигател на секоја економијата, кои што превземаат ризик, создаваат нова вредност и креираат работни места, на воведувањето на ограничувања во однос на готовинските плаќања за приватниот сектор без компаративно да се следи состојбата во регионот, на начин што поради институционалните слабости ќе се поттикне сивата економија и даночната евазија, а ќе се гуши потрошувачката. Исто така отсуствуваше реакција на исклучително ниската стапка на реализација на капиталните инвестиции без да се направат напори да се подобри проектниот менаџмент во оваа сфера. Според мене клучна карактеристика за изминатиот период е отсуството на јасна визија и модел за тоа како да се развива македонската економија и како да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Фактор: Кои политики му пресудија на Тевдовски, покачувањето на акцизата за дизел горивата, прогресивното оданочување и подигнувањето на даночните стапки или пак поддршката за раст на минималната плата?

Миноски: Зголемените акцизи и прогресивното оданочување само го зголемија оптоварувањето за граѓаните и приватниот сектор иако тоа е најлесен начин на краток рок да се полни буџетот, без при тоа да добиеме поквалитетни услуги или нови сервиси на државата или да имаме поефикасна администрација. Мојот впечаток е дека на тој начин сакаме да создадеме држава/општество на подеднакво сиромашни граѓани, наместо да тежнееме да создадеме држава/општество на богати граѓани и благосостојба преку креирање на услови секој да може да заработи повеќе со ангажирање на сопствениот труд или капитал.

Фактор: Може ли да направите споредба во поглед на јавното долг на Македонија додека вие бевте шеф на државна каса и состојбата со задолжувањата која ја остави Тевдовски?

Миноски: Сегашната власт наследи јавен долг во апсолутен износ, од 4,711 милијарди евра и полна државна каса со 225 милиони евра. Денеска долгот изнесува над 5,25 милијарди евра.  Тоа значи дека апсолутната задолженост се зголемила за над 500 милиони евра, без при тоа да видиме некој видлив инфраструктурен проект, а согласно фискалната стратегија трендот на задолжување и во иднина ќе продолжи до 53 % од БДП. За жал денеска сме сведоци на молк од истата онаа критичка јавност за која долгот од 47 % беше висок, а дополнителното задолжување од 500 милиони евра и најавениот јавен долг од 53 % денеска го прифаќа како умерена задолженост.

Фактор: Министерството за финансии има нов веб сајт со голем пристап до статистики и бази на податоци. Се согласувате ли дека има поголема транспарентност во начинот на кој се трошат јавните средства, има ли нешто што вие би подобриле?

Миноски: Голем дел од податоците што денес ги гледаме на веб страната беа и претходно достапни, има неколку табели кои што се нови за јавноста, а претходно циркулираа во министерството или беа посредно достапни, сега се објавуваат на веб страната, што е во ред. Да потсетам дека Проектот за вклучување во Специјалниот систем за дисеминација на податоци Плус на Меѓународниот монетарен фонд (SDDS Plus – Special Data Dissemination Standards Plus) чија што цел е зголемување на транспарентноста во статистичкото известување беше претходно започнат. Што се однесува до понатамошното зголемување на транспарентноста, јас би вовел cloud услуги преку целосно електронско поврзување на системите на УЈП, МФ и Царина, унификација и воведување на нови деловни процеси кои што  ќе го намалат можностите за човечка грешка, ќе го подобрат системот на управување со ризик и ќе овозможат генерирање на податоци во реално време за сите заинтересирани страни, со што дополнително ќе се зголеми транспарентноста, квалитетот на работење и отчетноста во работењето институциите во ресорот финансии. Идејата беше презентирана и начелно прифатена од меѓународните финансиски институции, а постоеше расположение за вклучување и на големи приватни корпорации во имплементација и финансирање на решението.

Најнови вести