понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

МИОА: Во јавните набавки за Дигиталниот самит нема ништо противзаконски

МИОА: Во јавните набавки за Дигиталниот самит нема ништо противзаконски

Во постапката за јавна набавка за техничка реализација на Дигиталниот Самит, нема ништо спротивно на Законот за јавни набавки, тврди Министерството за информатичко општество и администрација.

– Конечната одлука за форматот на Дигиталниот самит кој претставува обврска од Повеќегодишниот акциски план за регионална економска соработка на земјите од Западен Балкан, се донесе на 2 март на состанок на Управниот одбор за организација на Самитот, кој се одржа во Берлин, Германија, се вели во реакцијата од МИОА на обвинувањата за јавната набавка за Дигиталниот самит.

Оттаму велат дека одлуките поврзани со форматот на самитот и потребниот буџет произлегле од заклучоците на овој состанок.

За ова МИОА ја информирало и Владата на Република Македонија, за што доставило информација што била усвоена на педесет и осмата владина седница одржана на 13 март годинава.

– Во вкупната сума предвидена за техничката реализација на самитот, вклучени се 50.000 евра од Советот за регионална соработка со седиште во Сараево (РЦЦ), 5.000 евра од Друштвото за меѓународна соработка (ГИЗ), а остатокот од 190.000 евра се дел од Буџетот на МИОА за 2018-та година, велат од Министерството.

Согласно ова, за спроведување на јавната набавка, потребно било претходно да се потпише договор со РЦЦ (14 март 2018) и ГИЗ (30 март 2018). Дополнително, било потребно да се склучи меморандум за соработка и договор со Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, каде се организираат дел од настаните.

– Согласно законот за јавните набавки овие постапки во најкратки рокови траат 34 дена. Поради тоа не може да се примени рокот за спроведување на отворена постапка за јавна набавка, ниту пак за ограничена постапка. За жал работевме во екстремно кратки рокови кои не зависеа од нас. Ова беше единствен начин, Македонија да биде домаќин на еден од најголемите регионални настани за оваа година. Македонија повеќе не е изолирана земја, туку се стреми кон што е можно поголема поврзаност со своите соседи и градење на добрососедски односи Дигиталниот Самиот претставува единствена можност за да се зголеми дигиталното поврзување и соработка во ИТ сферата помеѓу земјите од регионот и ЕУ, се вели во реакцијата од МИОА.

Заклучоците и дефинираните активности кои ќе произлезат од Дигиталниот Самит, додаваат оттаму, се од особено значење за економскиот развој на Македонија и остварување на заедничката цел, а тоа е влез во ЕУ.

Најнови вести