четврток, 1. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мирчевски: Како по наредба, излезе целото „партиско ѓубре“ од времето на Груевски

Мирчевски: Како по наредба, излезе целото „партиско ѓубре“ од времето на Груевски

Гледам како поранешни високи партиски и државни функционери од ВМРО ДПМНЕ, се појавуваат по провладините медиуми во наивно синхронизиран напад против лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и си велам – што е тоа што би можело да ги натера овие несреќници така, еден по еден, како печурки после дожд, да се брукаат јавно во обид да создадат раздор во својата партија, истовремено правејќи им услуга на оние кои ги урнаа од власт и кои направија еден куп афери и предавства во последните три години? – пишува Ненад Мирчевски.

Неговиот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение:

„Но ако подразмислам уште еднаш, меѓу овие ликови не фалат уште многу од поранешните најблиски соработници на Груевски, за кои веќе подолго време се збори дека не само што го предале лидерот, туку и партијата и државата. Колку е вистина тоа не знам, но гледајќи ги како се самопонижуваат јавно по провладини медиуми гласно се прашувам:

Имаат ли овие луѓе малку самопочит, или се до толку во лајна за да прифатат вакво јавно резилење?

Како по наредба излезе целото „партиско ѓубре“ од времето на Груевски, обвинувајќи го, внимавајте ве молам, затоа што ја загубил довербата кај гласачите!

Да не е трагично би било навистина смешно. Дури ни тие самите, сироти, онака, овенати пред камерите, не веруваат во тоа што го зборат. А кој луд би поверувал? Па замислете, колку е малоумно, токму оние кои беа директни виновници за уривањето на рејтингот на ВМРО ДПМНЕ и за симнувањето од власт, (поради нивните афери, сериозни обвинувања за криминал, обвиненија во повеќе предмети од страна на СЈО) да бараат одговорност од Мицкоски затоа што не успеал да ја врати довербата на гласачите? Да се разбереме, разочараноста е поради тоа што ВМРО ДПМНЕ падна од власт затоа што една шака криминалци не сакаа да понесат одговорност за своите грешки. Наместо да поднесат одговорност и да поднесат оставки, тие ја втурнаа цела држава во криза, од која излеговме со променето име, продадени национални интереси, прогон и затвор за патриотите, грабеж на граѓаните од страна на криминалната власт… Разочарани се оние што ги оставија осиромашени и понижени.

Како и да е, со секое појавување, овие политички губитници само му ја зацврстуваат позицијата на Мицкоски јасно одделувајќи го од вмровското канцерогено ткиво, што е одлична вест за оние кои се уште имаат дилема дали новото раководство на ВМРО ДПМНЕ расчисти со оние криминални структури од времето на Груевски.

Она што ќе мора да стори Мицкоски е да го задржи вистинскиот пат, а тоа значи бескомпромисна борба со сите криминалци и мафијаши без разлика на која партија и припаѓаат. Во таа насока најдобронамерно му порачувам да не дозволи да ја направи грешката на Груевски – да се опкружи со неморални, криминогени, опортунисти за да не се доведе во ситуација да плаќа за туѓите гревови“ – пишува тој.

Најнови вести