Слушам како министерот Филипче објаснува дека не сме биле многу полоши од соседите во справување со КОВИД 19. Демек ситуацијата во земјите во регионот била слична, разликата била во тоа што ние сме имале најмногу тестирања и затоа бројките биле такви. Во одбрана на министерот и владината политика за справување со епидемијата гледам се вклучиле и „професионалниве новинари“ кои ни солат памет како тоа сме грешеле кога сме споредувале бројките на заболени кај нас со бројките од други земји, па демек различни параметри, начини, што ја знам… па во насока да прикажат дека црното е бело кажуваат дека споредбата на заболени кај нас со заболените во соседството било како да споредуваш јаболка со портокали…
А бре зелки едни зелкосани, а да ве прашам, во колку категории ги броите луѓево што ви умираат секој ден? Овие кај нас се крушки, а нивните мандарини? Ќе направите ли споредба на починатите и ќе каже ли некој зошто е тоа така? На чија душа ќе одат луѓево што ви умираат секој ден?
Директорката на инфективна клиника признава дека ниту еден пациент што бил на респиратор не бил спасен! Ќе објасни некој на јавноста зошто и како? Поради неисправни респиратори, нестручност во ракувањето со апаратите или и за тоа не треба да се бара одговорност од никој и затоа треба да молчиме и да не прашуваме? Ако е точна една од првите две претпоставки некој ќе мора да одговара кривично, но еве, во случајов ќе ја земам предвид последната претпоставка- дека многу е тешко да преживеат пациентите кои се приклучени на респиратор, особено повозрасните. Тоа би значело дека респираторите до сега помогнале само да се одложи смртта на болните (а со тоа власта да ги „пегла“ дневните бројки на починати), но не и да спасат нечиј живот. Де, да чуеме од министерот како се бројките во соседството по ова прашање?
Министерот Филипче за зголемениот број заразени во интервју вели тоа се должи на попуштањето на рестриктивните мерки (како што правеле и други држави во регионот). Вообичаено било да се зголеми бројот со попуштање на мерките, а со тоа се јакнел колективниот имунитет на граѓаните! Епа министре, ако добро ве разбирам, со попуштањето на мерките свесни сте биле дека ќе се зголеми бројот на заразени? Ако сте биле свесни за ризикот, тогаш зошто во исто време инсистиравте на брзи избори? Ви одговараат избори кога луѓето се плашат да излезат од дома?
Ако мерката била дел од некоја стратегија, како што велите, да се зајакне колективниот имунитет на граѓаните, зошто тогаш тоа не го кажавте јавно во истиот момент кога донесовте одлуки за попуштање на мерките? Зошто во исто време за бројките ги обвинувавте Наќе и недисциплинираните граѓаните? И што е уште поважно, да министре, легитимно е планирано да ги попуштите мерките за контролирано зголемување на заразените, со цел колективен имунитет, НО, тоа никако не смеете да го правите скришно, уште помалку да го протнувате на мала врата. За таква стратегија од морални и етички причини сте морале навремено да ги известите граѓаните. Па граѓаните во тој случај сами ќе можеле да одлучат како ќе се однесуваат. Но одлука ќе можат да донесат само кога ќе им биде дадена точна и навремена информација, а не кога некој ќе им каже после недела, две или месец. Можеби на некои им е сеедно за вашата одлука за колективна имунизација, но како би реагирале оние кои живеат со стари лица или со деца? На чија душа ќе одат тие жртви? Пак Наќе ќе биде крив? Или виновни ќе си бидат самите жртви што не го преживеале вашето „ново нормално“?
пишува: Ненад Мирчевски