вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Митева: Срамота е што Славјанка, како жена министерка, се обидува да го скрие скандалот во АРМ кој првично го призна

Митева: Срамота е што Славјанка, како жена министерка, се обидува да го скрие скандалот во АРМ кој првично го призна

Можам само да кажам дека различните изјави на Славјанка Петровска се доказ дека во рамки на институциите на државата секоја незаконито постапување или однесување од страна на власта, тие се обидуваат да го сокријат наместо да го санкционираат, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева запрашана за коментар за изјавите на министерката за одбрана, Славјанка Петровска каде што таа прво, на седница за пратенички прашања во Собрание, признава дека имало секс афера во министерството за одбрана која потоа во телевизиско гостување вечерта, негираше.

„Фрапантно е тоа што една министерка на земја членка на НАТО си дозволува да даде една изјава од собраниска говорница, при тоа потенцирајќи дека е запознаена со случајот, а веднаш потоа на интервју, истиот ден, да каже дека не била запознаена. Тоа отвара многу прашања, кој побара од неа да даде различна изјава од таа што ја дала? Кога ја зборува Славјанка вистината, дали од собраниска говорница или на нејзиното интервју? Или да бидам попрецизна, кога лаже“, прашува Митева.

И дополнително, додаде Митева, фрапантен е моментот што жена министерка се обидува да сокрие ваков скандал.

„Очекуваме одговорност и оставка. Дополнително, Славјанка Петровска континуирано се обидува да креира перцепција во јавноста дека пратеникот Ковачки, кој постојано објавува скандали од нејзиното работење и од работењето на останатите министри, дека креира лажни вести. Напротив, се докажало дека Ковачки, како пратеник, секогаш ги обелоденува скандалите кои што подоцна се потврдува дека се вистинити“, истакна Митева.

Најнови вести