Ако Филипче не си поднесе неотповиклива оставка и не си замине веднаш ќе докаже дека оставката до Заев била само фарса, кажа на денешната прес-конференција Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
-Четири недели јавноста чекаше да добие одговори. Четири недели немаше реакција од институциите. Насекаде во светот за вакви инциденти и далеку помали од овие оставките се даваат уште првиот ден. Само Венко Филипче наместо да си замине реши да глуми. Сите институции делуваа во насока на заштита на Венко Филипче. ЈО наместо веднаш да ги повика на давање на искази и Филипче и Хасани цел месец се занимава со роднините на починатите. Истрагата се држи ниско без воопшто да се викне некој одговорен во институцијата. Филипче нема одговорност, без разлика дали причина за пожарот бил кабел, некој штекер, полнач за телефон или некој друг електронски уред кој ќе му текне на Заев. Болницата во Тетово воопшто немала потреба од модуларна болница зошто истата располага со два спрата објект во цврста градба во склоп на истата кој што само требало да биде опремен со медицинска опрема и ќе бил спремен за прифаќање на пациенти, но наспроти тоа Филипче се решил да прави профит на Анѓушев и монтирал картонска болница во Тетово, истакна Мизрахи.
Таквата модуларна болница не ги исполнува основните градежни стандарди ниту за резистентност на пожар од десетина минути, туку самата изгоре само за 3 минути. Болницата наместо од огноотпорни материјали е изградена од ПУР панели, кои се високо запаливи и при најмало изложување на оган, вели таа.
-Дополнително болницата немала одобрение за пуштање во употреба, туку е пуштена во употреба онака на диво. Приклучоците за довод на кислород и струја се правени откако е предадена модуларната болница во употреба, и нема првичен план за такви приклучоци, туку тие се правени дополнително. Самиот процес на постапување, вградените материјали и употребата на истите е крајно сомнителен и скандалозен. По ниту едно од поставените прашања на јавноста Филипче не одговори, ниту е повикан во ЈО да даде исказ. Затоа ВМРО-ДПМНЕ побара собраниска седница на која ќе се расправа Извештајот, затоа што власта по секоја цена го спасува Филипче од институционализација на случајот, потенцираше Мизрахи.
И Заев и Филипче треба да знаат дека одговорност за овој случај не можат да избегнат и одговорност ќе има, додаде таа.