Ова денес личи на еден лош сон, кошмар на украдено време од нашите животи. Можеби затоа и никој не не слуша, па ниту не гледа. Ме можеме ниту да очекуваме народот да ни даде од украденото време од својот живот. Народот како и сите ние само го преживејува денот. Постојано ни кажувате дека животот е тежок и чемерен и дека сме мали за да се избавиме треба да направиме компромис со самите себе, да замижеме, да го затвориме носот и да голтенеме гадост после која нема живот. Го ставивте народот на кревет пред политички демек психијатри од надвор за да се редефинира и пронајде себеси онака коко што некому му чини. Дискусија не е дозволена и се обидувате да ја гушите на секој можен начин, па и со пасивна блокада. Ја забранувате мислата тврдејќи дека истата е навредлива и неконструктивна, а ја осудивте Македонија на смрт за кривично дело живот. И сето ова завиткано во реклама за подобро утре. Како да живееме во филм и то не било кој, туку оној нашиот, „До балчак“. Вие имате само еден принцип, а принцип немате, рече во нејзиниот говор на денешната седница на Собранието, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
Таа исто така на говорница прочита и некои од изјавите на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во кои вели дека е невозможно АА да соработува со ДУИ, бидејќи тоа би било како да се бориш со криминалци против криминалот.
„Денес секој каде плукнал таму залепил, во позадина само пари, сите знаат. Ова е збирка на изјави на Арбен Таравари на Алијанса за Албанците за ДУИ, ќе прочитам само некои од нив. Во 2019 година вели:„Ослободувањето од ДУИ, ќе биде како ослободувањето од Енвер Хоџа“, во 2020 година вели:„Невозможна мисија е ДУИ и Алијанса да се најдат на исто место“, „Нема што да бараме во Влада со ДУИ, како со криминалци да се бориш против криминал“, истакна Мизрахи и додаде:
„Државата, заедничка наша мајка ја сместивте во позиција да испушта душа, а уште не затворила очи и вие ѝ ги вадите прстените од прсти, обетките од уши, па кој го дрпа ќебето, кој перницата од под глава, кој циглите од куќата, кој дрвата за огрев, а кој старите фотографии и семејните тапии. Не дека ви е нешто свето или за спомен, сѐ е спремно за распродажба како никогаш и да не било. Ќе ја крстите распродажбата на ничија северна творевина со две сфери на политичко и мафијашко влијание и сите тоа го знаеме“