„Овој мој говор денес требаше да биде свечено крунисување на 30 – годишниот стремеж на овој народ за влез во рамноправното семејство на европските народи, ние народните избраници среќни, а нацијата горда, исправена и достоинствена европска. Жалам што овој чин денеска не преставува ништо од горе наведеното, а моето обраќање до вас потенцијален кус епитаф на Македонија која грчевито се обидува да ја убиете. Кој ви даде мандат да задирате во најсветите нешта, во јазикот, во идентитетот и историјата? Зарем сте глуви, слепи и неми пред илјадниците кои секојдневно маршираат и громогласно велат НЕ за т.н. француски предлог, НЕ за ултиматум, НЕ за силување и НЕ за бришење на македонскиот народ“, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи на денешната седница пред пратениците и владината делегација.
Мизрахи запраша што не е јасно во народното НЕ и уште колку денови треба да се каже на власта НЕ.
„Па тој народ ве избра и тој народ ве плаќа за да нему му служите. Мандатот не ви го даде партијата, ниту лидерот, ниту овој нелигитимниот или можеби се лажам и ви го купи Заев од парите за бројчаникот. А, кога народот ќе каже НЕ, тоа значи ставање на точка на сите криенки, изотоперувања, толкувања, преговарања, договарања, лаги, измами, измислици, датуми, протоколи, предложенија и капитулација. Колеги не глумете државништво, лидерство и саможртва затоа што тоа не сте“, нагласи Мизрахи.
Мизрахи порача на власта да не глумат херои, Европејци и елита затоа што тоа не се.
„Не се преставувајте ниту како интелектуалци, најумни и далековидни затоа што сте при очи слепи колку и пати спротивното да ви го кажеле во партијата. Дозволете да ви парафразирам прашање на еден познат македонски новинар и голем патриот – колку гроша чини македонската историја. И да прашам дали изјавата чуму идентитет кога немаш пари на член на Вашата партија е изолиран случај или кај Вас тоа е масовна појава“, запраша Мизрахи.
Пратеничката го запраша владејачкото мнозинство дали им се допаѓа што историјата ја направија бугарска, а македонскиот јазик преку ноќ стана дијалект, а за идентитетот треба да се праша Красимир Каракачанов, Захариева, Џамбаски.
„Па зар не гледате дека илинденска и антифашистичка Македонија деновиве ви маршира по улиците? Зарем не гледате илинденска и антифашистичка Македонија јасно и гласно ви вели НЕ за вашето предавство? Ако не ви е тоа јасно па се смеете и не сакате да послушате отворете ги прозорците видете и слушнете го народот“, порача Мизрахи.