Новинарот Младен Чадиковски е реизбран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), откако освои мнозинство од гласовите на околу 450 делегати кои гласаа на денешното изборно собрание. Неговиот противкандидат, Марјан Николовски, веќе му ја честиташе победата, а во изборната трка за челната позиција на ЗНМ учествуваше и новинарката Фиљана Кока.
Гласањето заврши околу 18 часот, по маратонското изборно собрание на Здружението, кое започна во 10 часот изутринава.
Покрај за претседател, членовите на ЗНМ гласаа и за Управен и Надзорен одбор, како и за нов состав на Советот на честа. Гласовите за управните тела допрва ќе се бројат.
За што се залага Чадиковски?
Во предлог – програмата на Чадиковски за ЗНМ во претстојниот мандат пишува дека тој, меѓу другото, ќе се залага за побрзи реформи во јавниот сервис, за основање на Фонд за медиумски продукти, ограничување на владиниот ПР, тренинг академија на ЗНМ, како и јакнење на улогата на регионалните центри на ЗНМ, како и на постоечките секции на Здружението (сниматели, спортски новинари, млади новинари, фоторепортери, филмски критичари). Целосната предлог – програма на Чадиковски може да ја погледнете тука.
ЗНМ е здружение на околу 1 000 професионални новинари, сниматели и фоторепортери. Основано е 1946 година.