Министерството за надворешни работи, преку амбасадата на Република Бугарија во Скопје, упати вербална нота до бугарското Министерство за надворешни работи, по повод изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов за време на конститутивната седница на Народно Собрание на Бугарија. Во нотата, како што наведуваат од МНР, се изразува крајно незадоволство од содржина на изјавата во која јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија.
– Го повторуваме апелот дека ваквите изјави се директно спротивни на интенцијата на двете држави го почитуваа и да го негуваат духот на Договорот за пријателство и добрососедство, во насока на создавање блиски и пријателски односи базирани на меѓусебна почит и соработка. Токму во духот на добрососедството, очекуваме релевантните политички и институционални фактори во Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите провокации и обиди за нарушување на добрососедските односи, се вели во соопштението од македонското МНР.