Во Македонија се гонат новинари, се гонат луѓе кои откриле незаконско и неетичко однесување на функционери во државни институции, а не се гонат луѓето кои ги правеле тие незаконски дејанија, вели во интервју за „Инфомакс“ новинарот Горан Момироски во врска со случајот за кој беше повикан да даде исказ и доби кривична пријава.
Момироски појасни дека повикан бил поради изнесени информации во емисијата „Заспиј ако можеш“ на која тој е автор во која се изнесени според него работи од јавен интерес, а него го гонат дека изнел државна тајна.
-Повикан бев да дадам исказ за објавени информации во емисијата н ТВ Алфа „Заспиј ако можеш“ во еден документаристички формат на 11 јануари оваа година, што е посебно прашање зошто се чекало 9 месеци. Повикан беше и колегата Драган Милосављевиќ, но тој е изземен од оваа ситуација, затоа што јас сум автор и за мене се води постапката. Суштината е дека сме објавиле некои работи кои биле незаконски да се објават. Тука има повеќе фактори, државна тајна највисок степен на класификација, службена тајна некои други елементи, имате јавен интерес, имате факти, имате корупција имате злоупотреба на службена должност. За мене е оддавање на државна тајна, а за другите лица инволвирани во емисијата се товарат за други работи, рече Момироски.
Тој истакна дека дури 9 месеци се чекало за ова и прашање е зошто баш после локалните избори е поднесена кривичната пријава која е и веднаш процесуирана.
-9 месеци се молчеше за да биде поднесена сега кривична пријава од страна на Агенцијата за разузнавање, каде е директор Ерол Муслиу кој е споменуван во емисијата. Агенцијата за разузнавање е под претседателот Пендаровски, и тука не е важен Муслиу, туку Пендаровски. Ние зборуваме за јавен интерес со години, и доаѓаме до ситуација да се гони со сериозни казни, човек кој открил незаконско и неетичко однесување на функционери во државни институции, а не се гонат луѓето кои ги правеле тие незаконски дејанија, рече Момироски.
Тој потенцираше дека во емисијата целиот приод беше во врска со заробената држава за која зборуваше и Прибе.