Наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно – образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови, велат од Министерството за образование и наука.
Според МОН, местото на учениците е во училишните клупи и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој. Затоа, додаваат од Министерството, во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано се работи на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти.
– Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно-образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекување на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата. Се надеваме дека оние кои во повеќе наврати ја попречуваа работата на неколку училишта во Скопје час поскоро ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани, се вели во денешното соопштение од МОН.