Можното проширување на владината коалиција ќе биде една од темите на вечерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ, информираат за МИА извори од владејачката партија.
Седницата на Извршниот одбор ќе започне во 19 часот и на неа, како што посочуваат истите извори, ќе стане збор за актуелни состојби и мерки, како и за можно проширување на владината коалиција.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој претходно денеска го потврди одржувањето на седницата на Извршниот одбор, во моментов е на средба со претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари со кого, според најавите, ќе се разговара за можно приклучување на партијата во владината коалиција.