Директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми денеска се огласи преку соопштение во кои вели дека тој и вработените во Управата се свесни дека, како што рече, намерно исценираните и неосновани напади доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата.
-Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови, се додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција. Намерата на овие напади е повеќе од очигледна. Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина, ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред целно смислени напади и сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат согласно своите надлежности, информира Муареми.
Додава дека објавите во одредени медиуми дека Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против директорот на Управата се лажни и невистинити.