По повод 31-иот роденден на ВМРО-ДПМНЕ во денешниот дневник на Телевизија 24 гостин беше пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски кој истакна дека Македонија живее во огромна стагнација. Власта води политики кои секојдневно ги влошуваат состојбите во секоја пора во општеството.
-Земајќи го фактот дека сме блиску до локалните избори, време е граѓаните да видат која е алтернативата. Од една страна има стагнација и неспособност да се водат единиците на локалната самоуправа и државата и од друга страна политики, планови и проекти. Ова е и повик до граѓаните за обединување. Преку конкретна политичка понуда, нудиме пат кој што ќе значи развој, просперитет и ќе значи почеток на крајот на овие погубни политики, посочи Муцунски.
Според него, националните политики значат љубов кон својата земја. Тоа е свест рече тој, што сме ние како нација и кој е нашиот национален идентитет.
-Верувам дека сето тоа може да се спои во една симбиоза, што ќе значи прогрес, развој и да го гледаме национализмот како еден вид позитивен феномен, феномен за тоа која е нашата историја и како можеме нашата историја да ја користиме како алатка за да создадеме подобра иднина. Тоа е она што им недостасува на граѓаните на Република Македонија – концепт. Тоа е една лепеза на бои и обединување на сите, од центар десница до крајна десница, што ќе значи ценење на Македонецот, но и пониски даноци, развојни политики, свест за потребата од напредок, повеќе работни места, повеќе платени работни места, повеќе странски директни инвестиции. Тоа е нашиот фокус и ВМРО-ДПМНЕ има кадри. ВМРО-ДПМНЕ во моментот е обединета како никогаш порано. Но, најважно од се е граѓаните да застанат зад еден опозициски блок кој што ќе има за цел да донесе правда, борба против корупцијата и да создаде една нормална држава за секој граѓанин. Тоа значи еден нов концепт на отворање кон граѓаните, на нудење на една платформа која што ќе биде различна од она што сме го нуделе до сега и активности насочени кон посилна комуникација со граѓаните, но и со многу други засегнати страни како што се стопанските комори, невладините организации и сите други групи на граѓани кои што сметаат дека може да дадат придонес кон носење на развој во државата, изјави Муцунски.