Сеопфатна реформа на изборниот процес, создавање на пофер правила, но и процес кој ќе биде пофункционален за демократијата во Македонија. Промени кои ќе значат 90 пратеници во Собранието наместо 120. Ние правиме исчекор и се согласуваме за моделот една изборна единица, изјави за Утрински брифинг на Слободна ТВ Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром.
Муцунски истакна дека реформите кои ВМРО-ДПМНЕ ги предлага за изборниот процес се во насока граѓаните да чувствуваат дека Собранието е нивен сервис и функционира за нив. Во моментов тоа не го чувствуваат, но и повеќе да ги нема истите проблеми кои се влечат од еден во друг изборен процес за што реагираат и меѓународните организации.
– ВМРО-ДПМНЕ не стравува од една изборна единица земајќи ја во предвид актуелната политичка клима, за нас е важно да имаме јасни и правила и квалитетен систем за спроведување на избори, а не постојано од изборен процес до изборен процес да ги влечеме истите забелешки кои од меѓународни организации и кои забелешки го нарушуваат изборниот процес, рече Муцунски.
Во однос на спорот со Бугарија, тој нагласи дека се работи за еден неевропски спор, наметнат од нашиот сосед кој излегува надвор од вредностите на Европската Унија на која Бугарија е членка и дека Македонија не смее да излезе од црвените линии зацртани во Резолуцијата која се изгласа во Собранието .
– Ние инициравме Резолуција во Собранието која се усвои и која ги утврдува црвените линии и позициите и се што се прави во рамките на тие црвени линии е прифатливо. Од наша страна беше укажано дека таа Резолуција е изготвена од страна на МАНУ, УКИМ и МПЦ. Доколку се преговара во рамките на тие црвени линии не е страшно, но тоа што нас не загрижува и што укажуваме е дека не располагаме до крај со сите информации кои постојат во динамиката на спорот, нашето чувство е дека се преговара надвор од рамките на црвените линии, изјави Муцунски.