четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Муса: Истрагата за корупција да се прошири и кај цариниците

Муса: Истрагата за корупција да се прошири и кај цариниците

Ден по проверките на инспекторите на пазарите на големо со овошје и зеленчук во повеќе градови во земјава инволвираните институции си дадоа слободен ден. Телефонски ни беше кажано дека од понеделник ќе се вештачат одземените документи, доколку има повреда на Законот за трговија. Сепак, ниту Пазарниот инспекторат, ниту Финансиската полиција, ниту УЈП ниту Царинската управа не сакаат да ги коментираат индициите дека оваа шема меѓу трговците и службениците се практикува од 2007 година.

„Оперативната акција преземена во координација со другите надлежни институции се уште е во фаза на разгледување на списите и во текот на наредната недела ќе излеземе со конкретни информации. Се додека не се докажат фактите, не можеме да прејудицираме за кое дело и за кој период се работи“, велат од Финансиска полиција.

Министерството за економија во петокот соопшти дека со замрзнувањето на цените на дел од овошјето и зеленчукот се покажала измамата со лажни фактури на трговците кои увезувале од земјите од регионот, односно пониски за да избегнат царини, што покрај кривичното дело на корупција, исто така, претставува затајување данок. Но, според поранешниот антикорупционер Ариф Муса, треба да се гонат и оние кои со години примале мито. Според него, овој корупциски систем на царината не само во прехранбените производи,за две децении го оштетил државниот буџет за околу 100 милиони евра.

„Царинарите на царинските пунктови во земјава секогаш соработувале со компании за шпедиција на штета на државниот буџет. Отсекогаш прифаќале фактури со пониски цени од реалните во земјите од кои се увезуваат производите од овошје и зеленчук. Ова прашање е познато одамна, партиите што биле на власт секогаш го толерирале затоа што нивните функционери краделе, да не речам стотици илјади, туку десетици милиони евра, на штета на државниот буџет, или приближно 50-100 милиони евра за 20 години“, рече Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциска комисија.

Познавачите на оваа област велат дека оваа состојба го достигна својот врв за време економско- финансиската криза, кога покрај тоа што го оштети државниот буџет, сериозно го погоди и џебот на граѓаните. Тие секогаш скапо го плаќаат евтиното, вклучително и основните прехранбени производи, па бараат Пазарниот инспекторат да не ја координира акцијата, туку да ја преземе Основното јавно обвинителство.

Најнови вести