Во вечерашната емисија „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски кој што истакна дека работа на секој амбасадор е да ги штити интересите на деловните субјекти кои што доаѓаат од неговата земја но договорот за коридорите е штетен за македонскиот буџет и даночните обврзници и отвара сериозни индиции за криминал.
„Работа на секој амбасадор е да ги штити интересите на деловните субјекти кои што доаѓаат од неговата земја. Тоа би требало за жал не го прават македонските амбасадори надвор од нашите граници. Ние уште на почетокот кога почна целиот овој процес и тука има неколку спорни елементи, првиот спорен елемент изборот на компаниите кои што го вршат надзорот, но исто така спорен за нас е и содржината на самиот договор. Да бидеме на чисто ние како политичка партија немаме проблем ниту со компанијата ”Бехтел” ниту со компанијата ”Енка” тоа се приватни корпорации. Но за нас суштинското прашање е што е работата на нашата влада.Целта на државата е да го штити даночниот обврзник, и да го штити буџетот. И токму тука лежи каде е нашата крајна забелешка. Ние не велиме дека инфраструктурниот проект како концепт дека е лош, напротив треба да има инфраструктурни проекти“ нагласи Муцунски.
Муцунски кажа и дека ваквиот договор за коридорите 8 и 10 Д е штетен за македонскиот даночен обврзник и македонската економија.
“Идејата за изградба на коридорите 8 и 10 е нешто што треба да има поддршка. Но дали ваков договор е добар за Македонија, дали ваков договор е добар за македонскиот даночен обврзник, одговорно тврдам дека неговата содржина е опасна, потенцијално штетна, и отвора сериозни ризици по македонски буџет, отвора сериозни ризици долгорочно можеби и по макроекономската стабилност на државата која што по сите информации кои што ги имаме на располагање е под сериозен надзор на ММф каде што постојат одредени предвидувања за не толку добро сценарио за македонската економија во иднина“ истакна Муцунски.
Муцунски додаде и дека владата не си ја врши својата работа бидејќи потпишува договори кои што се штетни по буџетот и имаат сериозни индиции за криминал.
”Работа на амбасадорот е да штити интерес на свои деловни субјекти, работа на деловните субјекти е да штитат свои интереси, но проблемот тука е што единствен кој што не си ја врши својата работа е македонската влада, потпишувајќи договори кои што по нас имаат сериозни индиции и за корупција и за штета и тука е таа опасност што ние како опозиција мораме активно да зборуваме за нејзе и да ја информираме јавноста за следните чекори кои што планираме да ги превземеме“ нагласи Муцунски.