Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потсетува дека на 30 јуни истекува рокот за аплицирање на четирите јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште до три хектари наменети за подигнување на долгогодишни насади.
Преку овие четири јавни огласи на располагање се ставени вкупно 4.294 хектари државно земјоделско обработливо земјиште до три хектари, распределени во 31 регион низ државата: Гостивар, Дебар, Кичево, Куманово, Ресен, Тетово, Гази Баба, Свети Николе, Струга, Охрид, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Демир Хисар, Валандово, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Берово, Битола, Македонски Брод, Виница, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Велес и Штип.
Земјоделското земјиште кое се дава под закуп е за подигнување долгогодишни насади и оранжерии за период до 30 години, подигнување долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигнување маслинарници за период до 50 години, поставување пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри за период до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности за рурален туризам до 30 години.
-Целта е со ваквите јавни повици да се стави на располагање на земјоделците секоја педа обработливо земјоделско земјиште, односно да се обезбедат поголеми услови и мотивација за производство на домашна храна за сите граѓани, наведува МЗШВ.
Огласите беа распишани на почетокот на месецот. (МИА)