На денешен ден пред 80 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.
Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и детството.
Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.
Првата своја песна „Кон светлите идеали“ ја објавува во весникот „Борба“ во 1926 год. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.
Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.
Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.
Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.
Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.
Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.
Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:
„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.
Вапцаров натаму вели:
„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“
Овие зборови на Вапцаров доволно кажуваат каков Македонец бил тој.
Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“
Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“.
Во 1941 година, заради прогонствата и затворањата на членовите на кружокот, тој престанува да постои. Вапцаров започнува илегално да делува и учествува во многу саботажи. На 4 март наредната година е уапсен од бугарските фашисти и потоа неколку месеци крвнички мачен во софиските затвори.
Знаејќи дека го чека смрт, Вапцаров се обидува да се самоубие сечејќи си ги вените. На 23 јули 1942 година бугарскиот суд го осудува на смртна казна без право на жалба. Истата вечер Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов се стрелани на гарнизонското стрелиште во Софија.
Никола Јонков Вапцаров останува еден од најголемите синови на Македонија, пишуваат Македонците од ОМО „Илинден“ од Пиринска Македонија, и додаваат „Македонија не смее да го заборави“.
Антон Попов е правнук на поп Стојан од Берово
Антон Николов Попов роден е на 20 октомври 1915 година во Попово маало, село Игуменец (денес Гега) во Пиринска Македонија. Тој е македонски писател, патриот и учесник во отпорот против режимот во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
Неговиот прадедо поп Стојан се доселил од Берово. Тој, како соборец на Иљо Малешевски и учесник во Кресненското востание, бил убиен од Турците. Истата судбина го снашла и дедо му Костадин Попстојанов, војвода на чета во Горноџумајското востание, заедно со неговите двајца браќа. Татко му, учителот Никола Попов бил учесник во револуционерните борби.
Попов основно образование завршил во родното село, потоа продолжил во гимназијата во Самоков. Заради учество во ученички кружок и ширење на марксистички идеи помеѓу учениците на гимназијата бил исклучен и принуден да го продолжи своето средно образование во Неврокоп, каде и го завршил во 1933 година.
Неможејќи поради материјални тешкотии да продолжи на факултет, станал учител во Гега и за кусо време создал интернат за 100 сиромашни деца во селото. Од 1934 година Антон Попов бил член и на Бугарската комунистичка партија (БКП).
Во 1936 година се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија, а есента 1937 година станал чиновник во Софија каде работел и како новинар. И Попов е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во 1938 година. Во тоа време ја напишал статијата „Дали постои македонска нација“, во која дава образложен позитивен одговор.
На почетокот на мај 1941 година е мобилизиран во 25 пешадиски полк на Беломорието. По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност. По апсењето на Вапцаров на 4 март 1942 година, набрзо, на 24 април бил уапсен и Антон Попов. Во судскиот процес против ЦК БРП на 22 јули е осуден на смрт и на 23 јули, заедно со Н. Ј. Вапцаров и четворица други комунисти бил стрелан на софиското гарнизонско стрелиште.
Со неговото име и во негова чест, Петричкиот партизански одред, формиран на 24 мај 1944 година, е наречен „Антон Попов“.
Еве што запишал Антон Попов:
„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди. …Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја? Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања- плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа“?- напишал Попов.