Царината од утрово прави внатрешна контрола за тоа кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“ кој бил без лиценца на граничниот премин „Деве Баир“.
Ова доаѓа откако вчера Министерството за транспорт и врски кажа дека превозникот не го регистрирал ова возило кое целосно изгоре, а во него животите ги загубија 45 патници.
-Од рано утрово, Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин, велат од Царина.