Во Државната изборна комисија (ДИК) утре носителите на кандидатските листи за предвремените парламентарни избори на 15 јули ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори е обврска која произлегува од член 8-в од Изборниот законик.
ДИК пред донесувањето на мартовската Уредба на Владата за запирање на изборните дејствија и одлуката на политичките лидери за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.
Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија и ДПА.
СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5.
Носители на листите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица еден е професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата Изборна единица Александар Николоски, во петата Изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во Шестата Дафина Стојановска.
СДСМ за овие избори направи коалиција со БЕСА, која на кандидатските листи има 14 членови на партијата.
Носител на листата на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица е актуелниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, техничкиот премиер Оливер Спасовски е во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во Изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во Шестата изборна единица ќе биде лидерот на БЕСА Билал Касами.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети ќе биде носител на кандидатската листа на партијата во Шестата изборна единица, Талат Џафери во Петата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во Втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми, и во Првата изборна единица носител ќе биде партискиот потпретседател, Изет Меџити.
ДПА има кандидатски листи во пет изборни единици. Носител на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица е лидерот на партијата Мендух Тачи. Во првата изборна единица носител на листата со кандидати за пратеници е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села е носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во Шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица.
По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, ДИК ќе изврши ждребка за определување на билбордите за политичко рекламирање.