Бојан Јовановски на денешното судско рочиште за „Меѓународен сојуз“ меѓудругото изјави дека имал поддршка од некој од министрите од тогашниот владин состав, а за соработката со бизнисмените рече дека се случила со посредници.
„Поддршка имав и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс-премиерот Зоран Заев. Ние всушност функциониравме како Министерство за социјала, згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Никогаш не сме злоупотребиле Буџет на Македонија, а парите кои подоцна се уплаќани на 1ТВ се легални. Средствата на бизнисмените Мицевски и Амзоски не се уплатени на сметката на „Меѓународен Сојуз“, туку на приватна сметка. Што се тие, мали бебиња за да ги измами некој“ рече Јовановски на судското рочиште.
Од повиканите, министерката Мила Царовска експресно и индикативно брзо демантираше поврзаност со проектите и најави инстант тужба за клевета до Јовановски.
„Во интерес на вистината сакам најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП Пелистер и за било каква соработка со Меѓународниот сојуз и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета. Истовремено ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала, ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“ – стои во соопштението испратено од Мила Царовска.
Прашањето е колку е етички да тужиш некого кој веќе е осуден и обвинет во нов процес, или народски кажано, да удриш по „умрениот“, коментираат на социјалните мрежи.